Daily news
НДМ: Говорот на Џафери на 2 Август во Крушево е голем срам и опасна провокација
Народното движење за Македонија го повикува премиерот Зоран Заев да ја преиначи одлуката на Владата со која за 2 Август во Крушево, на најголемиот македонски национален празник, говор ќе одржи Талат Џафери.
За НДМ, самото појавуавање и говор на Талат Џафери во Крушево е опасна провокација која може да доведе до немили настани.
„Исто така, оддавањето признание од Талат Џафери и неговото поклонување на славните илинднеци, на храбрите Македонци кои цел свет ги знае по нивните натчовечки херојства за слободата на својата држава Македонија, е тешка навреда спрема Македонија и Македонците.
Ова од причина што Талат Џафери во 2001 удри токму врз идеалите на илинденските херои со своето учество во рушењето на уставниот поредок на Македонија, а дотолку повеќе, според оперативен документ на УБК при МВР, е вмешан во заседата кај Вејце каде што ѕверски беа убиени осуммина македонски бранители во еден од најкрвавите и најбрутални масакри во поновата македонска историја.
Затоа, ја повикуваме Владата како изготвувач на протоколот за 2 Август да размислува не само за моментот оти се доведуваат во ситуација да се срамат од нив и нивните поколенија и веднаш да го тргне од протколот лицето Талат Џафери кое работело на рушењето на Македонија и Македонците“, се додава во соопштението на НДМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
