Daily news
Новоизбраната обвинителка го вратила предметот „Банки“ во Основното јавно обвинителство
Новоизбраната обвинителка во Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ивана Трајчева, по неполн месец во оваа Обвинителство, утврдила дека предметот „Банки“, во кој се осомничени одговорни лица во неколку комерцијални банки во земјата, треба да го води Основното јавно обвинителство. „Макфакс“ дознава дека новата обвинителка Трајчева одбила да ја прими претседателката на „Транспаренси интернешнл“, Слаѓана Тасева, како подносителка на кривичната пријава, со изговор дека треба да ја викне и другата страна.
Од Обвинителството за „Макфакс“ потврдија дека по извршениот увид, предметот „Банки“ ќе биде вратен во Основното јавно обвинителство. „Ве известуваме дека предметот беше побаран од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за да се изврши увид и да се утврди евентуално постоење надлежност за овој предмет. По извршениот увид и по прибирање на потребните списи, предметот ќе биде вратен во Основното јавно обвинителство Скопје на натамошно постапување“, стои во образложението на Обвинителството. Оттаму велат дека Вишото јавно обвинителство донело одлука само еден дел од предметот да го истражува Обвинителството за организиран криминал и корупција, а не целиот предмет. Станувало збор за одредено вештачење. Некои од оштетените на кои им се јави „Макфакс“ велат дека се зачудени од одлуката во толку краток временски период да биде проучен предметот и вратен во Основното јавно обвинителство. Неофицијално, обвинителката испратила покани до неколку од осомничените за да ги сослуша, но тие не се појавиле на сослушувањето. И покрај тоа, таа одлучила предметот да го истражуваат нејзините колеги во Основното јавно обвинителство.
Предметот во Обвинителството за организиран криминал и корупција го работеше обвинителката Лидија Раичевиќ, која поради неизборот во ова Обвинителство, не може повеќе да постапува. Обвинителката Раичевиќ веќе сослушала директори на неколку банки и предметот бил во напредна фаза пред отворање истрага.
Полицијата по неколкугодишна истрага, откри нелегална банкарска шема на давање кредити на македонски компании, најмногу преку Комерцијална банка – Скопје, кои, иако биле одобрувани како наменски, завршувале за отплата на лични кредити и купување недвижности и акции во македонски компании, капитално поврзани меѓу себе или со луѓе од управите на банките. Корисници на парите биле луѓе што се во управните одбори на неколку македонски банки и кои не смееле да си одобруваат кредити на сопствените фирми.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.