Daily news
Одбележана 16-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор

Вечерва во Скопје, под покровителство на вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор и политички систем, Хазби Лика, и претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, беше одбележана 16-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот.
– Охридскиот рамковен договор и неговите принципи го претставуваат единствениот начин со кој во нашата држава ќе се развие и унапреди демократијата, ќе се почитува мултиетничкиот карактер и сите наши граѓани еднакво ќе ги уживаат сите права. За да биде ова реалност, потребни се политичари визионери, со голема одговорност и цврста волја, кои ги сплотуваат, а не кои ги разединуваат своите сограѓани, порача претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање.
Тој нагласи дека овој значаен документ на мирот и на помирувањето меѓу граѓаните се изготви и потпиша со политичка волја и со олеснување од меѓународната заедница и се заблагодари за постојаната поддршка што ѝ се дава на земјава.
– Овој документ беше само една основа, рамка над која се извршија уставните измени и законските реформи, рече Џафери.
Пратеничката Фросина Ременски посочи дека Охридскиот рамковен договор стави крај на почетокот на конфликт со елементи на граѓанска војна во Македонија.
– Можеби 16 години се малку за да можат граѓаните од земјава и земјите од Балканот да го разберат и да го прифатат концептот на граѓанска држава, наспроти концептот на национални држави, но времето ќе покаже дека само со граѓански концепт на држава во која слободно живеат рамноправни граѓани кои припаѓаат на различни етнички, јазични и културни заедници може да се сфати смислата за напуштање на историската, националната и етничката фиктивизација како основа за следење на современите меѓународни односи на земјите во регионот, рече Ременски.
Клучно за Македонија, додаде, е градење мостови за соработка со соседите без предрасуди и напуштање на етнонационалистичката реторика која раѓа непријателства.
Вицепремиерот Лика порача дека е свесен оти не било лесно страните да седнат на иста маса и да дојдат до договор што ќе ги хармонизира и синхронизира интересите на сите заедници кои живеат во Македонија.
– Иако самиот акт на потпишување на договорот и неговото стапување во сила станувајќи дел од Уставот имаше поддршка од политичките структури, не беше потполно применет во пракса. Сепак, неговиот дух служеше како катализатор и во одредена мера ги чуваше надежите на граѓаните да не се отстапи од евроатлантските стремежи, рече Лика.
Посочи дека новата Влада прави чекори да ги хармонизира односите со соседите за да се доближи до полноправно членство во ЕУ и НАТО.
– Охридскиот договор игра голема улога во демократизацијата и интеграцијата на државата. Сегашната Влада со својата програма во однос на внатрешната и надворешната политика несомнено покажува дека се стремиме кон евро-атлантските вредности и можам да кажам дека нашата држава веќе ги направила првите чекори со кои сме поблиску до нашата крајна цел, потенцира Лика.
Со одобрување на законот за јазици, додаде, ќе се покаже дека сме на прав пат кон реалзиација на реформите и понатамошна демократизација на државните институции.
Во рамки на прославата на 16-годишнината од потпишувањето на Раковниот договор беше промовирана монографијата „Охридски договор“ од проф. Милаим Фетаи во која се опфатени сите дискусии во врска со Договорот од неговото потпишување до денеска.
Преговорите за Охридскиот рамковен договор почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна, на 13 август 2001 година, во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери, и тогашните претседатели на СДСМ, Бранко Црвенковски, и на ДПА, Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците, во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика, и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.