Daily news
Општина Карпош го презентираше својот модел на енергетска ефикасност
Вo рамки на проектот „Кулхитинг“ , во просториите на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), денеска се одржа обука за јакнење на капацитетите за финансирање и бизнис модели.
Стручни лица, претставници од локалната самоуправа, како и претставници од банки и приватни фирми, пред присутните, презентираа соодветни модели за финансирање и управување на проекти за енергетска ефикасност со модел на Јавно приватно партнерство (ЈПП). Исто така, на обуката беше претставена економска анализа на проекти за греење и ладење.
Раководителот на Одделението за енергетска ефикасност при Општина Карпош, Љупчо Димов, ја изложи својата презентација за финансирање проекти за енергетска ефикасност во локалните самоуправи.
Димов истакна дека овие проекти во Општина Карпош донеле заштеда на потрошувачката за греење во зимен период, односно ладење преку летната сезона, и на тој начин граѓаните на Карпош заштедуваат повеќе средства во својот семеен буџет. Презентациите на овој настан имаа за цел да ги разработат прашањата кои се од интерес на локалните чинители и финансиските институции. Претставниците на институциите и приватните фирми одржаа предавања од областа на финансирање, бизнис модели, договори и технологии во системите за централно греење и ладење, кои се базирани на обновливите извори на енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
