Daily news
Охридската претстава „Аналфабет“ – најдобра на „Гола месечина“
Наградата Гран при за најдобра претстава се доделува на претставата на охдискиот театар „Григор Прличев“, за извонредната хомогена игра на сите учесници, а посебно на тројката – Горан Стојаноски, Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски.
Со вечерашната изведба на претставата „Приказните на заборавените предци“ на НТ Слојштица ќе биде спуштена фестивалската завеса на четвртото по ред издание на Интернационалниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, во организација на Театар Комедија, а со поддршка на Општина Аеродром и Министерството за култура на РМ.
Оваа претстава е надвор од натпреварувачкиот дел, во чест на добитниците на наградите во категориите – најдобар актер/актерка, најдобра режија и најдобра претстава, а за кои решаваше трочлената жири-комисија во состав: Лилјана Мазова, претседател, Павле Пекиќ (Србија) и Петре Темелковски.
Наградата за најдобра машка улога му се доделува на Михаил С`рвански за ликот на Блант во претставата „Лажговци во неволја“ на Театарот на сатира „Алеко Константинов“ од Софија, Бугарија, за возбудливата игра во текот на целото дејствие, при што на остава траен белег на врвно актерско остварување.
Наградата за најдобра женка улога и се доделува на Слаѓана Зрниќ за ликот на Гина во претставата „Нажалена фамилија“ на Народниот театар од Република Српска, Бања Лука, Босна и Херцеговина за беспрекорното владеење со атмосферата на одличниот концепт на режисерот Никола Пејаковиќ.
Наградата за најдобра режија му се доделува на Срѓан Јаниќијевиќ за претставата „Силјан штркот шанца“ на Македонскиот народен театар, од Скопје, Македонија. Врз текстот на Дејан Дуковски, Јанаќијевиќ гради концепт на исклучително модерен истражувачки процес во сите сегменти на актуелноста на вечната тема – колку и дали забораваме да бидеме и деца, да играме и да танцуваме.
Наградата Гран при за најдобра претстава се доделува на „Аналфабет“ на Театарот при НУЦК „Григор Прличев“ од Охрид, Македонија, за извонредната хомогена игра на сите учесници, а посебно на тројката – Горан Стојаноски, Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски. Работена според текстот „Аналфабет“ на Бранислав Нушиќ, претставата ги отвора сите актуелни теми, односно „ликови на власта“, на човекот на кој кога ќе му дадеш функција ќе ја видиш неговата изопаченост.
„Гола месечина“ почна на 19 јуни, а на сцената на СЦ „Ново Лисиче“ присутните имаа можност да видат вкупно 7 претстави: „Лажговци во неволја“ од Сатиричен театар Софија, „Атена со пенис“ на Драмски театар, „Нажалена фамилија“ на театарот од Бања Лука, „Бегај еве ја жена ти“ од Кумановски театар, „Силјан Штркот шанца“ на МНТ, „Аналфабет“ на Охридски театар и „Приказните на заборавените предци“ за крај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
