Daily news
Потпишан меморандум за соработка меѓу ЈП „ПОЦ“ и ДПН Градски паркинзи од Битола
Директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Саша Богдановиќ и раководителот на ДПН Градски паркинзи ДООЕЛ Битола, Иле Колчакоски, денеска потпишаа меморандум за соработка со цел да се воспостави партнерство во дејноста што се однесува на управувањето со јавните паркиралишта и обезбедување и олеснување на пристапот до услугите од областа на комуналните дејности.
„Со потпишувањето на меморандумот ќе се подигне свеста за безбедноста во јавниот сообраќај, ќе се создадат услови за унифицирана имплементација на иновациите од информатичката технологија во тековното работење на јавните претпријатија за јавни паркиралишта, ќе се зајакне меѓусебната соработка, преку поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес и ќе се прошири и унапреди соработката со други институции кои имаат сродна дејност“, се вели во соопштението од ЈП „ПОЦ“.
Соработката меѓу двете општини, меѓу другото, ќе биде промовирање заеднички активности, организирање обуки и проекти, размена на податоци и искуства за тековното работење.
Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ досега има потпишано меморандум за соработка со „Паркиралишта Струмица“, „Куманово Паркинг“ и ЈП „Градски паркинг и зеленило”–Гостивар.
Со потпишувањето на денешниот меморандум со ДПН Градски паркинзи ДООЕЛ Битола, се создаде кворум за формирањето на Асоцијација на комунални претпријатија за јавни паркиралишта во Република Македонија, која беше најавена преку покренување на иницијатива од страна на неколку јавни претпријатија за јавни паркиралишта. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
