Daily news
Премиера на филмот „Скршено“ за отворање на фестивалот на филмската монтажа „Синематик“

Меѓународниот фестивал на филмската монтажа „Синематик“ ќе биде отворен утре, 14 декември, во 20 часот во киното „Милениум“. Фестивалот ќе биде отворен со македонска премиера на албанско-италијанско-македонската копродукција „Скршено“ (Broken) во режија на Едмонд Будина.
Некои велат дека филмот се создава трипати: на хартија, при снимањето и при монтирањето. Монтажерот поставува темпо и ритам, диктирано од редоследот на кадрите и тајмингот на приказната. Се вели дека добриот рез треба да е невидлив. Ова е прашање на проценка. Сепак, во никој случај креаторите на тие резови и правилата на нивната уметност не смеат да останат невидливи. Токму тоа е улогата на тридневниот Фестивал на филмската монтажа „Синематик“, да им понуди на монтажерите платформа за презентација и дискусија на нивната работа. Фестивалот ги става во фокус монтажерите, направен е во нивна чест и се обидува да им го обезбеди заслуженото место во светската филмска уметност.
Токму затоа фестивалот доделува награда за животно дело на еден монтажер. Во негова чест се прикажува избор од филмови од неговиот опус пред публиката и се нуди можност публиката да постави прашања на лауреатот за неговиот специфичен стил и неговата работа низ децениите.
Наградата за животно дело за монтажа в петок во 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе му биде врачена на годинашниот лауреат Андрија Зафрановиќ кога во негова чест ќе биде прикажан филмот „Уставот на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ.
Зафрановиќ претходно истиот ден во 11 часот на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе одржи мастер-клас.
Во официјалната програма на фестивалот, освен „Скршено“ и „Уставот на Република Хрватска“, се уште четири филмови. Тоа се првата руско-македонска копродукција со литванско учество „Хармс“ (2017) во режија на Иван Болотников, семејната драма „Лето 1993“ (2017) на Карла Симон, кој беше најдобар дебитантски филм на „Берлинале“, германската драма „Генерација Милениум“ (2017) во режија на Јана Биргелин и тинејџерската драма „Центарот на мојот свет“ на Јакоб Ерва, филм кој беше прикажан на повеќе од 30 фестивали во светот, а меѓудругото ја освои и Баварската филмска награда за режија. Програмата ќе се прикажува во Кинотеката на Македонија. Повеќе за распоредот на проекциите овде: http://cinematicff.com/program.html
За главната награда „Златен рез“ за најдобар монтажер ќе одлучува тричлено жири во состав: Миле Петковски, претседател, Благоја Неделковски и Ванчо Мираковски, членови.
„Синематик“, исто така, сака да поттикне и охбрабри што повеќе домашни млади монтажери. Затоа е воведена и награда за македонски монтажер на студенти по монтажа која значи различни теми за дискусија со веќе искусни монтажери кои им даваат вредни совети за нивните идни кариери и шанса да работат со докажани професионалци.
Оваа награда ќе биде доделена за најдобриот филм во Студентската програма која фестивалот ја реализира во соработка со Факултетот за драмски уметности од Скопје, ЕСРА, Факултетот „Гоце Делчев“ од Штип и Академијата ФИОФА од Охрид. Селекцијата од студентски филмови ќе биде прикажана в сабота од 17 часот во Кинотеката.
Во соработка со Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА в петок во 13.30 часот ќе биде одржана работилница на тема „Виртуелната реалност како технолошки нов начин на создавање приказни, применета во филмови и видеоигри“, под менторство на Петар Котевски.
Фестивалот го организира Асоцијацијата на филмски професионалци и ТВ-соработници со поддршка од Агенцијата за филм на Р Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.