Daily news
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ останува заробена во сопствената политика на поделби
ВМРО-ДПМНЕ останува заробена во сопствената политика на поделби, изолација, раздор и конфликти со што продолжува да работи на штета на државните и интересите на граѓаните. Додека ВМРО-ДПМНЕ е заглавена во минатото, Македонија чекори напред. Договорот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е во согласност со националните интереси на нашата држава и во согласност со интересите на граѓаните на Македонија и на Бугарија. Договорот е основа за пријателство и заемен успех на двете држави, а неговото потпишување е заеднички успех на сите досегашни влади и на сите граѓани, се вели во соопштението на владејачкиот СДСМ.
Според него, целиот демократски свет го поздрави историскиот договор помеѓу Македонија и Бугарија како значаен исчекор кон иднината и евро-атлантските интеграции на Република Македонија истакнувајќи го значењето, но и јакнењето на регионалната и меѓународна позиција на Македонија, што ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја потпкопуваше.
„Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски заради свои лични криминални интереси и на штета на државата ја изолираa Македонија од меѓународните и евро-атлантските процеси. Договорот го рефлектира новото време на соработка, на добрососедство, на празници што обединуваат наместо да делат и на регионален напредок наместо регионални конфликти“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
