Daily news
СДСМ како ВМРО, ќе ги поткупува телевизиите со новиот закон за аудиовизуелни услуги
Државата ќе озакони рекет со предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, сметаат речиси сите засегнати од овој закон. Операторите, телевизиите и радијата најмногу забелешки имаат за членот 143 од предлог-законот, со кој операторите ќе добијат обврска задолжително да ги реемитуваат програмските сервиси на домашните радиодифузери, но само за јавниот радиодифузен сервис законот прецизира дека реемитувањето треба да биде бесплатно. За преостанатите радиодифузери предложениот закон не утврдува прецизно ниту дали треба да се пренесуваат бесплатно ниту дали реемитувањето ќе има цена. Предвидува само дека начинот и условите под кои ќе се реемитуваат телевизиските и радиопрограмските сервиси на домашните радиодифузери ги утврдува Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги врз основа на претходно утврдена методологија.
Токму оваа недореченост во законот, неутврдениот начин за реемитување на домашните радиодифузери, според најголем дел од операторите, телевизиите и радијата, остава можност за озаконување рекет, со кој ќе се обезбеди своевидна субвенција за дел од телевизиите и радијата, а на другите им се заканува клуч на врата.
„Ни наметнуваат задолжителна обврска да ги реемитуваме домашните радиодифузери кои емитуваат програмски сервис од општ формат на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс. Ние и сега тоа го правиме. Утврдуваат дека јавниот радиодифузен сервис треба да го пренесуваме бесплатно. Ние тоа и сега го правиме не само за јавниот сервис туку и за другите радиодифузери. Со тоа што законот само за јавниот сервис пропишува пренесувањето дека треба да биде бесплатно по донесувањето на законот, нам ни укажува на тоа дека е оставена можност, врз основа на овие измени на законот, да се воведе наплата, односно операторите да бидат обврзани да им плаќаат за реемитувањето на телевизиите што не се јавен сервис, туку работат комерцијално или во превод – ќе треба да плаќаме за некој да прикажува турски серии, без ниту една минута домашна програма. И тоа секој месец како субвенција“, велат некои од операторите за „Макфакс“, кои се сомневаат дека ваквата обврска е компензација за укинатите државни реклами во медиумите кои беа изум на претходната владејачка гарнитура на чело со ВМРО-ДПМНЕ.
За нив не е изненадувачки обидот да се воведе наплата за реемитување. Велат дека имало такви обиди и претходно, но стивнале кога операторите им укажале дека ако треба да плаќаат за пренесувањето, тогаш ќе бараат и квалитетни содржини, а не ја исклучуваат можноста и тие да воведат наплата ако некој сака да го пренесуваат. Се калкулирало со цена од две евра од корисник, што операторот треба да ѝ го плаќа на телевизијата. Во ваков случај, посебно помалите оператори, ќе бидат принудени да завторат оти и со сегашната претплата едвај преживуваат и смислуваат разни пакет-услуги за да може да опстанат.
И многу од локалните и регионалните телевизии стравуваат дека ќе бидат принудени да затворат оти не можат да се натпреваруваат со странските телевизии што ги пренесуваат операторите.
„Малите оператори имаат ограничен простор и за да нè закачат како локална телевизија, ќе мора да се откажат од некого. Сигурно нема да се откажат од странските телевизии за кои платиле многу пари“, велат од телевизиите.
За сите делови од предложените измени со кои не се согласуваат и операторите, и телевизиите и радијата велат дека доставиле забелешки. Министерството за информатичко општество и администрација, кое го подготвува законот, иако најави, не одговори на прашањата за недореченостите во предложените измени на законот.
(М. И. П.)
Продолжува утре
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.