Daily news
„Синиот портокал“ во Велешки театар
В среда, на 12ти април, на Малата сцена на Театар „Џинот“ Велес, со почеток во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски
„Синиот портокал“ е македоинска праиведба на истоимениот драмски текст на британскиот автор Џо Пенхол кој во своите драми се занимава со современиот социолошки контекст, а ликовите за кои пишува се индивидуи кои бараат себереализација во општеството кое робува на бирократијата и ривалитетот. Станува збор за саркастична комична пиеса, која се осврнува на расата, менталната болест и британскиот живот во 21-виот век.
„Синиот портокал“ за првпат е поставена во 2000 година во Националниот Театар во Лондон и доживува голем успех освојувајќи ги наградите за најдобра драма на три престижни британски фестивали.
Во центарот на оригиналната пиеса се двајца психијатри кои се обидуваат да се справат со млад шизофрен пациент, афроамериканец кој доаѓа од црнечкото гето. Во постановката на велешкиот театар тој лик се вика Ерџан и е Ром, кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника.
Во претставата настапуваат актерите Самоил Стојановски, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Драматургијата е на Катерина Момева, сценографијата на Филип Коруносвки а автор на музиката е Сашко Костов. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
