Daily news
„Снапчет“ подготвува сопствен смартфон
Компанијата „Снап“, во чија сопственост е апликацијата Снапчет, би можела во иднина на пазарот да пласира сопствен смартфон, а маркетиншката компанија „Медијакикс“ го открива неговиот можен изглед.
Компанијата „Снап“ уште одамна најавуваше дека нема намера да остане фокусирана само на софтвери, туку ја интересира и хардверот.
Така, уште во текот на минатото лето таа вработи десетина работници кои се специјализирани за развој на хардвер, поточно на смартфони.
„Медијакикс“ го понуди можниот изглед на смартфонот на „Снап“ опремен со камера која може да снима под агол од 360 степени, како и копчиња за подесување на звукот кои би можеле да се користат за менување на познатите „маски”. Секако, копчето „дома“ би било во форма на логото на Снапчет.
Смартфонот би имал посебен интерфејс фокусиран на Снапчет, а на екранот би доминирале Снапчет нотификации, вклучувајќи ги најновите приказни на вашите пријатели.
„Снап“ нема да биде прва социјална мрежа со сопствен смартфон. Во 2013 година „Фејсбук“ се здружи со компанијата ХТЦ и настана смартфонот „ХТЦ Фрст“. Тој имаше интерфејс кој Фејсбук го стави „во срцето на мобилното искуство”, но доживеа неуспех.
Тоа не значи дека истото ќе му се случи и на Снапчет, но официјални информации за евентуалниот смартфон за сега нема./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
