Daily news
Собранието ќе соработува со УНИЦЕФ за унапредување на правата на децата
Претседателот на Собранието, Талат Џафери оствари средба со новоименуваниот претставник на УНИЦЕФ во Република Македонија, Бенџамин Перкс. На почетокот на средбата претседателот Џафери му посака добредојде, успешна и плодна работа за време на неговиот мандат.
Претседателот Џафери истакна дека Собранието е подготвено да ја продолжи соработката со УНИЦЕФ во рамките на Меморандумот за соработка, со кој се овозможува интересите на децата да се земаат предвид при носењето на квалитетни законски решенија согласно Конвенцијата на ОН за правата на децата. Собранието е отворено за соработка со партнерските организации на УНИЦЕФ, кои работат во областа на подобрување на правата и статусот на децата во општеството.
Од своја страна, претставникот на Меѓународен фонд за деца при Обединетите нации за итни состојби, Бенџамин Перкс, истакна дека УНИЦЕФ ќе ги поддржи реформите неопходни за евроатлантската интеграција на Република Македонија, а кои се однесуваат на заштита и унапредување на правата на децата.
За време на средбата, соговорниците разговараа за итните приоритети на оваа меѓународна организација во земјата, поврзани со прашањата за високата стапка на смртност кај децата, недоволната вклученост на децата во предшколското образование во однос на евроскиот просек, згрижувањето на децата без родители од најмала возраст, емиграцијата, како и состојбата на децата од заедницата на Ромите во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
