Daily news
Собраниска делегација првпат ќе присуствува на комеморација за жртвите во Сребреница во Поточари
На иницијатива на Здружението за културно обединување на Бошњаците од Република Македонија „АВАЗ“, првпат оваа година собраниска делегација ќе присуствува на комеморацијата за жртвите во Сребреница во Меморијалниот центар Поточари, соопшти Зеќир Рамчиловиќ, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Делегацијата ќе ја предводи тој, заедно со пратениците Реџаил Исмаиљ и Илија Николовски.
„На овој начин Собранието на Република Македонија оддава почест на сите жртви на геноцидот и изразува најдлабоко сочувство со семејствата на жртвите од геноцидот во Сребреница од јули 1995 година“, вели Рамчиловиќ.
Во рамките на одбележувањето на годишнината од геноцидот, група на граѓани од Република Македонија предводена од здружението „Диван“ ќе отпатува и ќе присуствува по трет пат на комеморацијата во Меморијалниот центар Поточари.
Воедно, во рамки на традиционалните одбележувања на 11 јули во Скопје ќе се одржи „Марш на мирот“ предводен од повеќе невладини организации на чело со Бошњачката културна заедница – БКЗ како и граѓани кои го осудуваат геноцидот во Сребреница.
Собранието на Република Македонија на 04.02.2010 година ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница, усвоена на 15 јануари 2009 година и се обврза дека соодветно ќе го одбележи 11 јули – Денот за сеќавање на геноцидот во Сребреница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
