Daily news
Тахири: Да продолжиме со дијалогот, а потоа и да дојдеме до заемно признавање
Косовската министерка за дијалог, Едита Тахири, изјавила дека дијалогот помеѓу Белград и Приштина треба да продолжи на високо ниво, а потоа и да влезе во последната фаза, пренесуваат српските медиуми.
Според Тахири, последната фаза подразбира меѓусебно признавање, пишува весникот Газета Експрес. „Мислам дека тоа би требало да биде сеопфатен дијалог на високо ниво, слично на преговорите во Виена“, рекла Тахири во интервју за Радио Косово.
Косовскиот весник наведува дека Тахири мисли на преговорите помеѓу Белград и Приштина за идниот статус на Косово, кои беа одржани во 2006 година. Како што објаснила таа, дијалогот помеѓу Белград и Приштина треба да продолжи на две нивоа, пришто првото би ги опфатило преговорите за примената на досегашните постигнати договори.
Второто ниво, пак, според неа подразбира подготвување на политичкиот процес на високо ниво, кој ќе ги воведе преговорите во трета фаза, односно завршување на дијалогот со Белград. Според Тахири, последната фаза од преговорите е меѓусебно признавање.
„Што се однесува до подготовките на ова ниво од дијалогот, со учество на највисоките државни институции, потребни се консултации за форматот на дијалогот и новото на претставување, и сметам дека дека тоа треба да биде највисокото ниво на земјите, нешто слично на форматот од преговорите во Виена“, порачала Тахири./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
