Daily news
(ВИДЕО)Тврдокорните најавија нов протест за 13 септември
Учесниците на протестот на Граѓанското здружение „Тврдокорни“ најавија дека на 13 септември, кога ќе се носи законот за двојазичност, повторно ќе излезат и ќе го искажат своето незадоволство.

Претседателот на Здружението, Драган Угриновски, ги повика граѓаните да излезат помасовно и да им дадат поддршка. Иако протестот беше преставен како непартиски и граѓански, на него зборуваше Јанко Бачев од Народното движење на Македонија кој соопшти дека трипати досега поднесувале барање за закон амнестија за учесниците во настаните во Парламентот на 27 април, и трипати тоа им било одбиено од претседателот на Парламентот Талат Џафери.
Според негова оценка, тие што упаднаа во Парламентот не се терористи туку луѓе кои го бранеле Уставот и никој не влегол таму заради насилство против лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Претставници на „Тврдокорните“ од Општина Кисела Вода известија, исто така, дека побарале од шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, да ги ослободи сите што се во затвор поради 27 април, бидејќи се патриоти и бидејќи „имаат деца што сакаат да ги гушнат“. За нив новата влада е незаконска, нелегитимна и неуставна, со порака дека не ја признаваат.Притоа се слушнаа и пароли како „Да ја спасиме Македонија, да го спасиме јазикот“, „Ќе се бориме до последна капка крв, до последен здив“ и слично.
М.И.П.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
