Daily news
Тевдовски: Ребалансот се темели на проекција од раст на БДП од 0,22 отсто
Со ребалансот на буџетот патните трошоци на Владата и институциите се намалени 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) 257 милиони денари, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците образложувајќи го прекројувањето на државната каса.
Ова, потенцира Тевдовски, е една од главните цели на ребалансот – намалување на непродуктивните трошоци кои се во рацете на власта и обезбедување простор за мерки што ќе значат зајакнување на социјалната кохезија меѓу граѓаните и поддршка на домашните претпријатија.
– Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари или во релативен износ 2,9 отсто од БДП. Вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси во согласност со остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за речиси две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со буџетот, а договорните услуги се намалени дури 902 милиона денари, без здравствените услуги преку Фондот за здравство – истакна министерот.
Со ребалансот капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.
Дополнителни 1,2 милијарда денари се додаваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, како и дополнителни 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението. За зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните, се алоцирани дополнителни 600 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување.
Обезбедени се и средства за субвенционирање на минималната плата, со цел таа да се зголеми на 12.000 денари од септември. Со оваа мерка се предвидува поддршка за работодавците во износ од 70 отсто од потребниот пораст на бруто-платата.
– Ребалансот се темели на најконзервативна проекција на раст на реалниот БДП од 2,2 отсто во 2017 година наспроти предвидувањата на сите релевантни домашни и меѓународни институции, Народната банка од 2,5, Светската банка од 2,8 или Европската комисија од 2,9 процента. Со ова ја покажуваме нашата намера да ја прекинеме праксата на преоптимистички макроекономски проекции како основа за повисоки планирани приходи и расходи. Нашата цел е реална и остварлива макроекономска проекција, која ќе биде најдобра основа за проекција на приходите и расходите – истакна министерот.
Најдобар пример за одземањето на комодитетот на носителите на власта е направен, според него, со расходите на Владата.
– Стоките и услугите на оваа институција се намалуваат од иницијално проектираните 792 милиона денари на 266 милиони денари. Тоа се средства што беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански организации. Сметаме дека ова е најдобар доказ за цврстата определба на новата влада за домаќинско работење со народните пари – истакна Тевдовски.
За активните политики и мерки за поддршка на вработувањето во приватниот сектор дополнително се алоцирани 112 милиони денари и тие ќе изнесуваат 667 милиони денари. За споредба, нивната реализација во 2016 година изнесува 366 милиони денари, а во 2015 година 376 милиони денари, напомна министерот.
Ребалансот предвидува и поддршка на малите и средните претпријатија и поддршка на домашни гринфилд-инвестиции од 135 милиони денари за до крајот на годинава, поддршка на домашниот туризам преку субвенционирање на работниците со ниски приходи во износ од 60 милиони денари, решавање на материјалното обезбедување на стечајните работници, укинување на радиодифузната такса, поддршка за ИПА-проекти во износ од 500 милиони денари за буџетско учество и повлекување донации со цел да се обезбеди интензивирање на активностите поддржани од ЕУ во периодот на претпристапување, како и поголема искористеност на европските фондови.
Тој дополни дека се задржува оценката за просечна стапка на инфлација од 1 отсто, односно дефлатор на БДП од 1,4 процент.Првите ограничувања, како што потенцира Тевдовски, ќе бидат во делот на ненамирените долгови, кои заклучно со 31 мај 2017 година изнесуваат 22,4 милијарди денари или 364 милиони евра, а вторите се во делот на веќе склучените договори за тековни или идни проекти за чие евентуално раскинување државата ќе треба да плаќа пенали.
– Обврските на буџетските корисници и фондови, заедно со локалните установи, финансирани преку блок-дотации, изнесуваат шест милијарди денари. Долговите се најголеми во културата, дури 2,4 милијарди денари, а се должат пред сè на неплатените обврски за концертната сала на Филхармонијата, која беше помпезно отворена, Драмскиот театар, објектот „Мајка Тереза“ и театарот во Велес – посочи Тевдовски.
Сериозно високи се, додаде тој, и обврските на локалните образовни установи, министерствата за здравство, внатрешни работи и образование.
– Правиме реално согледување на остварените расходи и врз основа на тоа нивно приспособување во втората половина на годината водејќи се од веројатноста за нивно остварување – посочи Тевдовски.
Повторувајќи ги предвидените нови мерки – минимална плата, решение за стечајците, поддршка на малите и средните претпријатија и на земјоделците, укинување на радиодифузната такса… министерот рече дека тие се дел од владината програма што може да се реализира на краток рок. Останатите планирани мерки, пак, што граѓаните и фирмите ги очекуваат, се дел од подлабоки системски промени, а ќе бидат вклучени почнувајќи со буџетот за 2018 година, на кој веќе се работи.
Во врска со отплатата на долгот рече дека изнесува 18,3 милијарди денари во 2017 година. Во рамките на буџетот е предвидена и можност за странското задолжување, но дали и кога тоа ќе се реализира, ќе зависи, рече министерот, од движењето на каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал и можноста на домашниот пазар на хартии од вредност целосно да одговори на потребите за финансирање.
Тевдовски се осврна и на владината определба за редовно сервисирање на обврските и на раздолжувањето кон стопанството за што потврда е, нагласи тој, повратот на ДДВ. Но, целта на Владата, потенцира, не е само привремено да се справи со овој проблем, туку да постигне одржливо справување со проблемот на кумулирање обврски на јавните институции.
Во текот на расправата, по обраќањето на Тевдовски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ценија дека ребалансот е неразвоен и непродуктивен, лош за граѓаните, фирмите, странските инвеститори, пензионерите, младите… и ќе го забави растот на економијата.
– Со ваквиот ребаланс економијата во најмала рака ќе стагнира. Нема да има зголемување на пензиите и социјалните надоместоци, а тоа мора да го знаат корисниците. Ќе има пари за вработување партиски кадри, 300 милиони денари се за оваа намена, за плати на твитерџии, комичари, шарени револуционери… – е ставот на опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ во ваквиот ребаланс гледа и ново задолжување од 148 милиони евра, 100 милиони надвор и 48 дома, максимален раст на БДП од 1,5 процент и дефицитот не како сега 2,9 отсто, туку 3,5 проценти.
Собраниската расправа за ребалансот на буџетот може да трае најмногу пет дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.