Daily news
Украдени листови, Титовата книга на жалост на аукција
Од Книгата на жалостa која по повод смртта на Јосип Броз Тито беше поставена во Куќата на цвеќето се украдени 40 страници на кои имаше потписи од познати светски државници.
Дел од тие „експонати“ на 3 јуни ќе бидат понудени на аукција во Малага, Шпанија.
Како што објави медиумската мрежа Антидот, станува збор за околу 12 автографски страници од Книгата на жалоста, која беше отворена во Куќата на цвеќето и на неа се потпишуваа и оставаа пораки странските државници.
Споменатите страници, според изворот, се само дел од многу поголема колекција на 40 страници, кои се исечени од Книгата на жалоста и украдени од Музејот на историја на Југославија.
Кражбата на делови од Книгата никогаш не била пријавена на надлежните органи бидејќи, како што се тврди, никој во Музејот и во Министерството за култура не знаел дека истите ги нема.
Инаку, собирањето автограми и записи на значајни историски личности денеска претставува една од најважните колекционерски гранки, за што говорат примери од аукциите на кои нечии автограми се продаваат за астрономски бројки.
На пример, еден од најпознатите случаи е писмото на Џорџ Вашингтон, кое во декември 2009 година беше продадено за 3.2 милиони долари.
Меѓу експонати од овој тип, кои се објавени на аукција во Малага, се наоѓа посветата што во чест на Тито ја напишал генералниот секретар KPP СССР, Михаил Горбачов, а бил во посета на поранешна Југославија на 15 март 1988 година.
Постојат, исто така, посвети во чест на Тито од Нородом Сиханук, поранешниот крал на Камбоџа, кој го посетил Белград на 12 август 1982 година. Потоа на Ја Бин Ху, генерален секретар на Комунистичката партија на Кина, кој бил во екс-Југославија на 11 мај 1983 година. Исто така, има посвета на Индира Ганди, која тогаш како премиер на Индија, го посетила Белград на 8 јуни 1983 година. Во Книгата на жалоста се потпишал и Николае Чаушеску, тогашен претседател на Романија, кој бил во Куќата на цвеќето на 12 ноември 1987 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.