Daily news
Хојт Ји: Предизвиците на Балканот се закана за американските интереси
На Балканот национализмот е во пораст, а домашната политичка реторика води кон раздор. Иако Балканот повеќе не доминира на меѓународната сцена како порано, регионот сѐ уште се соочува со огромни предизвици кои, доколку останат отворени, претставуваат закана за интересите на САД во Европа, рече заменик помошник државен секретар во американскиот Стејт департмент, Хојт Брајан Ји во сведочењето во Поткомитетот за надворешни работи на Конгресот.
Со седницата на поткомитетот раководеше Дејна Рорабакер, републиканецот кој во февруари годинава изјави Македонија треба да се укине како држава. Во своите прашања до Ји, Рорабакер во најголем дел се концентрираше на активностите на Сорос во Македонија и го обвинуваше Ји дека американската дипломатија се мешала во внатрешните работи на земјата со поддршка за либералните сили.
– Последните приказни и обвинувања за активностите на Фондацијата Отворено општество на Балканот се претерани. Да расчистам дека напорите на владите на САД и ЕУ се нивни, а не под влијание на било која личност или фондација. Напротив, обратна е ситуацијата, поединци во НВО-секторот ја поддржуваат политиката на ЕУ и САД која се залага за владеење на право, почитување на човековите права и слободни медиуми во овие земји. Имаше соработка со ЕУ и САД за некои проекти од Фондацијата Отворено општество, но на многу помало ниво од она што се претставува – одговори Ји.
Американскиот дипломат смета дека давањето на мандатот за формирање влада од страна на претседателот Ѓорге Иванов е прв чекор кон излез од длабоката политичка криза во Македонија.
– Македонија сака да се приклучи кон ЕУ и НАТО, и ние како партнери ја помагаме таа цел. Се залагаме за владеење на правото, човековите права и слобода на медиуми. Тоа не секогаш е поддржано од владите – рече Ји.
На крајот, Ји уште еднаш предупреди дека етничките тензии на Балканот повторно се во пораст и дека политиката на САД мора да биде поактивна.
– Доколку Западот продолжи да му го врти грбот на Балканот, земјите од регионот ќе почнат да гледаат кон алтернативи како Русија или Кина – предупреди тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.