Daily news
Хуманитарна акција на „Секјуриком” во ЈУЗ Клиника за детски болести

Во текот на изминатите две недели групацијата „Секјуриком“ како долгогодишен поддржувач на Клиниката за детски болести во Скопје се вклучи во уште една хуманитарна акција. Од групацијата одлучија оваа година, наместо да организираат корпоративна прослава и да праќаат подароци до соработниците, средствата да ги пренасочат во хуманитарни цели.
На заеднички состанок со директорите на Клиниката како приоритетна беше проценета потребата за генерално чистење и средување на таванските простории. Извршено е специјализирано чистење на таванските простории со ангажман на високопрофесионални екипи, опремени со соодветни средства за заштита при работа, како и висококвалитетни еколошки средства и опрема, кои ги исполнуваат највисоките европски стандарди за квалитет.
„Оваа поддршка е дел од нашите активности како општествено одговорна компанија, која инвестира во заедницата во која дејствува. Она што особено ме радува се нашите вработени, кои се активни и самите иницираат вакви хуманитарни акции. Оваа година одлучивме средствата за досегашните корпоративни подароци, како и за традиционалната предновогодишна забава, да ги пренасочиме во добротворни цели, односно за акцијата во Клиниката“, образложи Иво Ивановски, менаџер за продажба во „Секјуриком“.
Соработката на Клиниката за детски болести со „Секјуриком“ трае со години. Во предновогодишниот период имаат организирано посета со ликовите на Маша и Медо, кои делеа подароци на децата хоспитализирани на Клиниката. Во пресрет на 2016 година „Секјуриком“ заедно со „Kултура“ и Фондацијата „Златна рипка“ направи хуманитарна новогодишна честитка, а со собраните пари од продажбата на честитката се купи медицинска опрема за Клиниката. Минатата година „Секјуриком“ со МАБА (Македонско-австриска бизнис-асоцијација) донираа апарат за неинванзивна механичка венитилација на одделот за интензивна нега и терапија, вреден 13.000 евра. Ова се само некои од акциите што „Секјуриком“ досега ги има иницирано за Клиниката за детски болести.
„Благодарни сме им на луѓето од ‘Секјуриком’ и на постојаната поддршка што ја добиваме од нив. Соработката со оваа компанија трае веќе неколку години и донациите од нивна страна се секогаш добредојдени и потребни на Клиниката, особено во овој период од годината. Ова е период на дарување, месец на празнување, во кој правите убави нешта за луѓето околу вас. Навистина ни е драго што ‘Секјуриком’ е тука и оваа година да ни помогне да ги подобриме условите за подобро функционирање на Клиниката“, изјави д-р Катерина Ставриќ, директорка на Клиника за детски болести.
Групацијата „Секјуриком“ веќе 17 години е препознатлива по иновативните пакети на услуги за безбеден, чист и функционален простор за деловно работење и живеење, од областа на професионалниот сервис за чистење, тековното одржување и обезбедувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.