Daily news
Чичаковски: Изборите утре се услов за напредок на Македонија
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, ги повика сите учесници на изборите да обезбедат фер и демократски избори со почитување на Уставот и законите во Република Македонија. Според него, утрешните локални избори се услов за натамошен напредок на земјата и ДИК ќе стори сè за успешен изборен ден.
– Ги повикувам општинските изборни комисии и изборните одбори, а особено политичките партии, да ги почитуваат сите позитивни прописи и сите заеднички да обезбедиме одлични оценки од меѓународните и домашните набљудувачи за целокупниот изборен процес – истакна Чичаковски. ДИК, според него, ги заврши сите активности за подготовка и организирање на локалните избори 2017.
За Избирачкиот список, повтори дека претставува добра основа за спроведување кредибилни и фер избори и оти тој е производ на постојната правна рамка и постојниот степен на точност на податоците што се добиени од Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, основните судови и другите институции.
Бројката на пријавени болни и немоќни лица во споредба со локалните избори во 2013 година и предвремените парламентарни избори е помала, а тоа, според Чичаковски, најверојатно, се должи на упатството што ДИК го донесе уште пред парламентарните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
