Daily news
Ќе се гради спортска сала место катна гаража во Центар
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска ќе распише конкурс за идејно решение за повеќенаменска спортска сала во Градскиот парк. Оваа сала со капацитет од 3.000 гледачи ќе биде новиот дом на најтрофејниот клуб КК „Работнички“ и ќе се наоѓа на местото на сегашната сала и поширокото окружување.
Претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ сакаше тука да гради триесетметарска барокна катна гаража , решение на кое се спротивстави општинското раководство. Општината конечно успеа да го спречи градењето на барокната гаража и парцелата ја пренамени за нова спортска сала.
Салата ќе биде проектирана како повеќенаменска, изградена по сите светски стандарди за овој тип градби. Во неа ќе се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис.
Салата ќе располага со амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, како и прес центар, коментаторски кабини и соба за режија. За гледачите и посетителите ќе има фан шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека.Во салата се предвидени и канцеларии за спортски федерации, просторија за ВИП гости, кацеларии за управа, архива и сала за состаноци.
Проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно парнерство, а идејното решение ќе се избере на конкурс и транспарентно.
По основното училиште во Капиштец и новата градинка, ова е трет капитален објект во општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
