Daily news
Австриски „Стандард“: СЈО е револуција на Бaлканот
По најголемиот скандал со прислушкување во Европа следуваше, за Балканот, уникатен обид да се воведе правна држава, пишува весникот Стандард во анализата посветена на работата на Македонското Специјално обвинителство.
Според весникот, тоа е нешто револуционерно за Балканот, дополнувајќи дека тоа е материјализација на кошмарот за криминалците во Македонија. Во текстот се прави пресек на дел од најважните случаи на СЈО и се анализира политичката состојба во земјата.
„Еден хард диск со 546.948 податоци на него и шест кутии со транскрипти од прислушувани разговори. Овие материјали, кои беа објавени од Социјалдемократите пред две години, не само што доведоа до најголемиот скандал со прислушкување за една европска влада од Втората светска војна наваму, туку доведоа и до формирање на сопствено Јавно обвинителство.
Се работи за систематски злоупотреби на власта од политичари и високи функционери, изборни измами и организирана корупција на државно ниво.
Во квадратната зграда на аголот на булеварот Партизански одреди во Скопје луѓето трчаат нагоре надолу по скалите. Сите овде се многу брзи во она што го прават. Ленче Ристоска, една од трите главни обвинителки толку брзо и јасно одговара на прашањата, што веднаш ви дава до знаење дека може да извлекува остри заклучоци. Надвор, пред портите, демонстрираат вработените во една фирма, за чиј сопственик е издадена потерница. Тие секојдневно се мобилизираат за својот шеф. Но тој самиот е во бегство.
Специјалното јавно обвинителство за многумина е нешто како материјализиран кошмар во балканската држава која во десетгодишното владеење на националконзервативецот Никола Груевски заглави се подлабоко во авторитарност. Луѓе, кои никогаш и не помислуваа дека ќе бидат повикани на одговорност за своите постапки, одеднаш се соочија со Обвинителство кое сериозно го сфаќа законот. Тоа е нешто револуционерно на Балканот“.
„(…) Бројни партиски и владини функционери и пониски службеници сега се соочуваат со кривични постапки. Досега, „стариот“ систем се обидуваше да ги спречи правните постапки. Кога СЈО ќе побара од судовите да издаде налози за апсење, тие едноставно се отфрлаат.
„Од 23 барања само пет се одобрени, од нив, четири подоцна се прегласани и досега е издаден само еден налог за апсење“, раскажува Ристоска за систематските блокади на работата на СЈО. Одредени државни институции едноставно одбиваат соработка. Но со актуелниот министер за внатрешни работи постои добра соработка“.
„(…)Притисокот врз 117-те вработени во СЈО е голем. Самото СЈО има сопствено обезбедување. Македонија е пред тешко искушение. Сѐ уште е нејасно дали стариот режим си заминува или останува. ВМРО се обидува да ја вжешти атмосферата со провоцирање на антиалбанско расположение“.
„(…)Во многу случаи (кои ги истражува СЈО, н.з.) се работи за договори за јавни набавки кои им се делени на луѓе верни на режимот, кои во замена требало да ѝ помагаат на политичката каста и на нејзините роднини и пријатели, како во приватниот така и во професионалниот живот. Доколку ги слушате разговорите на политичарите ќе се почувствувате како да сте се нашле во филм од Б-продукција поради нивниот брутален и примитивен тон“.
„(…)Анализата на гласовите на политичарите и на функционерите од разговорите не е проблем, вели Ристоска. ‘Тоа е лесно изводливо со форензички средства’, објаснува таа.
Во СЈО очекуваат во иднина да имаат повеќе, а не помалку работа. „Не очекуваме сите да не сакаат, но сакаме да бидеме третирани со почит од другите институции како Јавното обвинителство“. Кога опструкциите станаа очигледни, и СЈО покажа заби. Па така, пред извесно време СЈО покрена постапка против еден судија. Не само прислушкуваните разговори, туку и односот кон СЈО покажува дека еден дел од правосудството во Македонија е партизирано“, пишува Стандард во текстот за Специјалното јавно обвинителство. (крај/макфакс/ Дојче Веле)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.