Daily news
Авторски и сродни права: Се издавале дозволи за две организации за ист вид на права
Поранешното раководство, не се потрудило ниту да донесе решение за определување на организација, која ќе биде овластена за колективно управување во случај кога е издадена дозвола на две организации за ист вид на права, иако добило мислење од Комисијата за посредување, стои во соопштението за јавноста на Министерството за култура, од денешната расправа за авторските и сродни права на која земаа учество експерти од оваа област.
Меѓу многубројните нерешени состојби во доменот на авторските и сродни права се спомнуваат и оние нерегуларности за кабелското реемитување, на аудиовизуелни дела, за филмските автори, за филмските продуценти.
Потоа, барањето од Здружението за заштита на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи МИП – Скопје, поднесено во април 2017 година. И во однос на овие барања не било одговорено во законските рокови.
Во врска со тарифите, дозволите и други акти во судска постапка се уште 8 предмети и неколку решенија од Управниот инспекторат за постапување по добиени Барања од колективните организации.
„Уште во септември 2016 од Организацијата за колективно управување со правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи “ММИ”- Скопје било поднесено барање за давање дозвола за КУ. За жал, и покрај законскиот рок од 60 дена, односно продолжениот рок од 90 дена, согласно Законот за авторското право и сродните права, по барањето не било одлучено. Државниот управен инспектор го задолжил поранешното раководство на Министерството за култура да донесе решение по барањето, но истото не постапило ниту по задолжувањето на инспекторот.“, пишува во соопштението.
Затекнале и две други неодговорени барања од уште две организации за колективно управување за добивање на дозвола за колективно остварување на авторското односно сродните права и тоа:
„Барањето од Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права „АЗАПС“, Скопје, за право на кабелско реемитување на аудиовизуелни дела, за филмските автори, за филмските продуценти и за изведувачите на аудиовизуелни дела поднесено во декември 2016 година и барањето од Здружението за заштита на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи МИП – Скопје, поднесено во април 2017 година. И во однос на овие барања не било одговорено во законските рокови.
Поради целокупната затечена незавидна состојба во областа на авторското право и сродните права, во Министерството за култура во тек е изработка на текстот на Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во насока на усогласување со новата Директива 2014/26/EC за колективно управување со авторското право и сродните права и мулти-територијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет.
Во моментов во Република Македонија постојат две организации со дозвола за КУ, за заштита на авторски музички права, ЗАМП и СОКОМ МАП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.