Daily news
Андоновска: ВМРО ДПМНЕ е во целосна спротивност на СДС
„ВМРО ДПМНЕ е во целосна спротивност на СДС„ рече на прес конференција Марија Андоновска.
„Наш фокус беа и останаа проектите кои значат подигнување на стандардите, а фокус на СДС беа и останаа интригите и деструкцијата. За нас власта претставува дополнителна гаранција за заштита на највисоките државни и национални интереси, додека за СДС власта претставува ново поле и нови ресурси преку кои може да тргуваат со најважните прашања кои задираат во македонскиот идентитет.
Зад работата на ВМРО-ДПМНЕ секогаш постојат конкретни резултати и дела. ВМРО-ДПМНЕ е партија која што тоа што го ветува и го реализира. Ние во проектите никогаш не ги делиме граѓаните по нивната етничка, верска или политичка припадност и овозможуваме бенефит од тоа да има секој човек во Македонија.
Најдобар показател за овие наши приоритети е и последниот капитален проект кој отпочна да се реализира после опсежна и комплетна подготовка, изградбата на новиот објект на клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје. Овој проект е директен показател дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш имало јасна цел, поквалитетно здравство за граѓаните и најдобри услови за работа на медицинскиот персонал.
Новиот клинички центар ќе има комплетно нова зграда со нето површина од 46.987 м2 корисен простор, 6.416 м2 проодни тераси и кровни градини и 531 м2 хелидром. Овој објект ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациенти на десеттото ниво. Објектот ќе ги исполнува сите највисоки меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани, и ќе бидат искористени најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип.
Впрочем еден ваков капитален објект и инвестиција во здравствениот систем бараше интензивно четири годишно работење на полето на проектирањето во кое беа вклучени проектанти од италијанска компанија, во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа.
Изградбата на Новиот Клинички центар ќе чини 72 милиони евра и согласно договорот таа ќе заврши во рок од 45 месеци. Во изградбата на овој објект ќе бидат вклучени двете најголеми градежни компании во Македонија – Гранит и Бетон, и реномираната италијанска компанија Инсо системи, што несомнено ќе значи силен поттик на градежната индустрија и индиректниот инпут што таа го прави на другите индустриски гранки.
Овој проект како и големиот број други проекти кои ВМРО-ДПМНЕ ги реализираше се само уште една потврда на нашата посветеност, работа и конкретна идеја за подобрување на здравствената инфраструктура и здравствените услуги во Македонија.
Апсурдни се обвинувањата на СДС, бидејќи еден ваков капитален проект како новиот клинички центар е во интерес на сите граѓани исто како што беа проектите за изградба на нов објект на детската болница Козле, отпочнувањето на изградба на нов објект на клиничката болница Штип, Изградба на нов објект во клиничката болница Тетово, нов објект на специјалната болница Јасеново, реконструкција на старата градска болница Свети Наум Охридски во Скопје, реконструкција на општата болница во Прилеп и десетици други поголеми инфраструктурни проекти во интерес на сите граѓани.
ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе продолжи да работи посветено и да креира проекти и мерки кои ќе бидат во директна корист на граѓаните во Македонија, како во областа на здравството, така и во секоја друга област„, изјави Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ….крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.