Daily news
Екс директорката на Домот “11 Октомври“: Сметката за алкохол е почастување на директори кои дале попуст за хотелско сместување на децата
Поранешната директорка на Домот за деца без родители „11 Октомври“ Ристенка Атанасова во реакција за сторијата на „Макфакс“ за неоправданите трошоци, наведува дека сметката за алкохол направена за време на зимувањето на штитениците во ски-центарот на Попова Шапка е почастување на директори кои дале попуст за хотелското сместување на децата.
За сметката која беше јавно објавена за скапите часовници, Атанасова вели дека е направена за набавка на пет часовници за пет матуранти како подарок од установата и не е помината од магацин бидејќи им е директно подарено на децата.
За повисоките телефонски сметки, Атанасова вели дека се случувале само кога била на службено патување во странство и морала да бидам достапна во секое време и информирана за сè што се одвива во установата, а паркингот на службеното возило е платен од телефон за кое МТСП не ѝ дал посебна субвеција.
„Скапиот телефонски апарат е земен како субвенција од владата на Република Македонија и се отплаќа месечно на договор, а не е земен од други средства. Во моите мандати сум додавала дополнителни часови кога сум останувала на работа повеќе од работното време и во празниците и тоа е законски“, вели Атанасова по објавување на истражувачката сторија на „Макфакс“ – „Каде завршувале парите од донации во Домот за деца без родители „11 Октомври“?“.
Атанасова вели дека за сите донации во Домот се склучува договор за донација, но не се склучува ако донаторот не сака да склучи бидејќи тоа е негово право.
„Пред моето прво вработување во установата паричните донации се примале во неограничен износ во кеш. Првата работа што јас како нов директор ја воведов беше донациите над 6.000 денари да бидат уплатени на донаторска сметка која ја раководеше МТСП, а тие донации под 6.000 денари се примаа во кеш, за сите донации постои документ за што се наменети и потрошени секогаш за децата. Секој донатор добива потврда за што е употребена неговата донација. Сите донации и мали и големи се пријавуваа во МТСП. Јас како директор на установата неможев да имам никаков пристап до тие средства без истите да бидат одобрени најпрво од МТСП“, вели Атанасова.
Таа вели дека кога дошла на директорското место, условите во Домот биле на најниско ниво. Таа, како што вели, ги реновирала сите тоалети, се направиле нови кујни, се ставиле нови прозори, се реновирала фасадата и сите подови, биле поставени нови машини за перење во сите тоалети, се набавиле ЛЦД телевизори, се обновиле душеците и креветите, се вовело Wi-Fi, и биле донесени таблети и лап-топи.
Таа појаснува дека кога стапила на функција се зголемил џепарлакот на сите деца од 900 на 2.000 денари месечно.
„Податокот дека МТСП дале 500.000 денари за реновирање е лажен. Во годишниот буџет министерството одобрува само 120.000 денари за реновирање и истите се искористени за реновирање и санирање на установата. Донаторските средства не смеат да се трошат за санирање бидејќи донаторите наменски ги даваа средствата и на мое барање да помогнат за санирањето реагираа дека тоа е работа на државата“, вели Атанасова.
Таа вели дека за време на нејзините службени патувања како самохран родител немала каде да го остави детето и затоа го земала со себе, но за тоа плаќала од сопствени средства.
Во врска со отпуштањето на самохрана мајка, Атанасова појаснува дека таа била ангажирана под договор за дело и кога се отворил јавен конкурс, комисијата избрала нов кандидат, а таа си нашла вработување во Министерството за образование и наука.
„Јас немав никаква улога во изборот на кандидат“, тврди Атанасова.
Екс-директорката вели дека должност на установата „11 Октомври“ е да му овозможи на секое полнолетно дете превоз за да може да гласа на избирачкото место кое му стои во личната документација.
„Јас како директор тоа го направив кога разговарав телефонски со многу организатори на изборите бидејќи установата е исто така и избирачко место, јас не делував на децата во врска со нивното гласање бидејќи тоа е нивно право“, вели Атанасова.
Таа вели дека пред да дојде министерката Фросина Ременска на функција, во Домот имало три финансиски ревизии на кои не била најдена никаква нерегуларност и повеќе санитарнии инспекции во кои сè што недостигало е санирано.
За стаклената градина во дворот на установата, вели дека е донација од Охридска Банка која сама си нашла изведувач и самата одлучила што да прави со средствата со кои, како што вели, таа немала никаков допир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.