Daily news
Ахмети во Пласница: Мирни и демократски избори и гласање без страв
Демократската унија за интеграција синоќа во општина Пласница официјално ја почна предизборната кампања за локалните избори 2017 презентирајќи го кандидатот за градоначалник на оваа општина, Исмаил Јаовски.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пред присутните рече дека локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври се многу важни за ДУИ бидејќи граѓаните директно ги избираат своите локални претставници, кои нудат решенија за потребите и секојдневните барања на граѓаните што ги претставуваат.
„Сакам од вас мирни и демократски избори, без притисок, и гласајте слободно без страв за нашиот и ваш брат Исмаил Јаовски. Дојдов тука за да ве уверам дека не правам тајни договори. Денес повикајте ги сите што ги поддржуваат тие што шпекулираат и што ги поддржуваат кандидатите од другите политички партии да дојдат со нас бидејќи победата е Исмаил Јаховски, тој е вредност и вредностите секогаш знаат како да создадат вредности. Мисијата на Исмаил треба да продолжи бидејќи има уште многу работа што треба да се направи. Има целосна поддршка од ДУИ, ја има целосната поддршка на албанските пратеници и министри, има и поддршка од жителите на Пласница и вие, жители на Пласница, ја имате силната поддршка на Демократската унија за интеграција. Затоа храбро чекорете напред и победата е на Исмаил. Демократската унија за интеграција не е партија што прави кампања само кога има избори, туку и по изборите ДУИ продолжува со реализација на сите тие проекти што ги претставивме пред вас“, рече Ахмети, лидерот на ДУИ.
Јаовски рече дека жителите на општина Пласница ѝ должат многу на Демократската унија за интеграција, особено на лидерот Али Ахмети, и на 15 октомври да гласаат за кандидатот на ДУИ.
„Претставува чест и привилегија Демократската унија за интеграција на чело со претседателот Али Ахмети изборната кампања да ја започне токму од општина Пласница. Ова значи дека општина Пласница од секогаш била приоритет на Демократската унија за интеграција, пред Тетово, Гостивар или Скопје. Али Ахмети по 2001 година општина Пласница ја направи со современа инфраструктура, придонесувајќи во вработувањето голем број млади во разни државни институции и на директен начин не само што го спречи иселувањето на младите од државата туку помогна голем број млади да се вратат во земјата“, истакна Исмаил Јаовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.