Daily news
Борби со кучиња во Охрид: Арнаудов: Немоќни сме, полицијата е вмешана – Се спроведуваат ли законите?
Пред една недела невладени организации и граѓаните протестираа против труењето на животни и забрана за продажба на отровните супстанци. По една недела, животните остануваат меѓу првите топ три теми во медиумите. Овој пат, тие се жртва на нивните сопственици, каде профитираат најсилните миленици.
Кучињата наместо миленици, станаа начин за заработка. Сопствениците, судијата и публиката, стискаат палци дека ќе го добијат облогот, но никој не превенира спречување на борбите со кучиња. Напротив, ги поддржуваат. Законот за благосостојба на животните, поточно членот 12 став 1 вели дека „Одгледувачите и/или сопствениците на животни треба да обезбедат заштита и благосостојбата на животните кои се под нивна грижа и да спречат нанесување на непотребна болка, страдање или повреда“.
Наместо тоа, aктивистот на здружението за заштита на животните, Климент Арнаудов објавува дека до него стигнло сведоштво од лице чиј идентиет не го открива, за масовна борба на кучиња кои доаѓале од повеќе градови, а во неделата се одвивала во Охрид. Засега, точната локација каде се одвивала борбата останува тајна.
„Поради опасноста од тоа да ми се закануваат по животот морав да ја цензурирам сликава. Безвредно е да пријавам во полиција, поучен од тоа дека има премногу пријави кои не се процесирани. Во ова грозоморие и полицијата има вмешано прсти. Информациите кои ги имам велат дека полиција дошла, ама биле спречени да делуваат, со тоа, за некого законите важат, а некои лица се над нив“, пишува сведокот на настанот, кој сака да остане анонимен.
Потпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, не е запознаен со настанот. Тој за Макфакс вели дека овие информации мора да ги провери, па да не’ извести во текот на утрешниот ден. Во билтенот на МВР, не е евидентиран ваков настан.
Законот со кои се уредуваат правата на животните е јасен кога се во прашање борбите со кучиња. Имено, членот 4, став 3 укажува дека е забрането вклучување, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување, организирање на обложување и обложување меѓу животните за било какви намери. Доколку не се почитува овој член од Законот, според истиот, парична казна може да се изрече само на правно лице. Според членот 67 се одредува глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност, доколку не биде почитуван членот 4.
Адвокатката Наталија Миленкова, која го застапува Здружението за заштита на животните Анима Мунди, вели дека доколку во тие борби, кучињата се измачуваат или убиваат, тоа веќе влегува во доменот на Кривичниот закон на Македонија и претставува кривично дело за кое следува затворска казна од шест месеци.
„Ова се опасни лица. Оние кои се вклучени во овие борби имаат криминални досиеја. Напоменувам, опасно е. Јавна тајна е фактот дека полициски лица се вмешани, а има луѓе кои тоа го посведочиле, но се плашат да проговорат“, вели за Макфакс, активистот за заштита на животните Климент Арнаудов.
Здруженијата за заштита на животните одамна апелираат за ваквите случувања ширум Македонија. Ако во минатото локациите каде се одвивале борбите беа тајна, тие сега се најавуваат и на социјалните мрежи. Оваа борба со кучиња за која сведочи анонимното лице е само една од низата.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.