Daily news
Бојкотот на членството му пресудил на ВМРО-ДПМНЕ
Извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, смета дека падот на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ се должи на иницијативата за реформи во партијата, односно повикот за бојкот на членството. Според него, ова е главната причина зошто опозициската партија со толку голема разлика ги загуби локалните избори.
Покрај иницијативата за реформи, како што кажа Кржаловски, постојат уште две причини поради кои ДПМНЕ ги загуби изборите, а тоа се клиентилистичкото гласање и можноста гласачите порано да биле под закани и уцени, па сега се чувствуваат ослободени да гласаат за кого сакаат.
– Она што е очигледно е дека голем контингент од 100 до 120 илјади гласачи, кои досега гласале за ВМРО-ДПМНЕ, овој пат одлучиле воопшто да не излезат. За падот на гласачите на оваа партија има три објасненија, од кои две се поврзани за клиентелистичкото гласање, односно луѓе што сметале дека ќе имаат бенефит од гласањето за владејачката партија, втората е поради тоа што можеби биле под закани и уцени, па сега се чувствуваат ослободени, но по мене, повеќе е третата, односно иницијативата за реформи во партијата, т.е. повикот за бојкот на членството на ВМРО-ДПМНЕ.
– На некој начин ова треба да е казна за раководството на ДПМНЕ со неизлегување и недавање поддршка, со што ефектот е над 100 илјади гласа помалку на контото на оваа партија. Прашање е од овие три фактори кој колку придонел за овие гласови, но речиси тоа се главните причини за неизлегувањето на досегашните гласачи на ДПМНЕ 0- вели Кржаловски.
Тој вели дека самата кампања и изборниот ден генерално многу не се разликувале од претходните изборни циклуси, изборите биле фер и демократски и може да се смета дека резултатите се кредибилни.
Нема многу простор за критика кон СДСМ, односно кон новата Влада за организирањето на изборите – вели Кржаловски.
Тој најави дека е можна оставка од Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ уште во периодот помеѓу двата изборни круга бидејќи, според него, доколку продолжи бојкотот и во вториот круг, ДПМНЕ ќе ги изгуби сите општини во кои ќе има повторно гласање.
– Доколку е точна претпоставката дека ова неизлегување беше глас против актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, можна е оставка на лидерот на партијата и целото раководство уште сега за колку-толку да може да се спаси она што остана. Ако продолжи овој бојкот и во вториот круг, за ВМРО-ДПМНЕ во опасност се сите општини, односно, најверојатно, сите ќе ги освои СДСМ, особено Гази Баба и Кисела Вода – вели Кржаловски, кој тврди дека во ДПМНЕ мора да има голема промена доколку сакаат да освојат некоја од општините.
Во врска со институтите што го истражуваат јавното мислење, директорот на МЦМС изјави дека постојано прават споредби со претходните избори бидејќи тие се единствена можност за нивна проверка.
– Во овие неколку години се профилираат три покредибилни институти – „М-проспект“, „Рејтинг“ и институтот за политичко истражување ИПИС. За овие локални избори малку се објавија податоци и не би се сложил со првичната констатација дека повторно се промашија прогнозите. Единствено нешто што се промаши е разликата кај ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се работи за систематско неизлегување, кај другите партии беа прилично точни во рамките на статистичката грешка, вели Кржаловски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.