Daily news
Бугарскиот купувач на „Фени“, за вработените е димна завеса за бегство на сегашните газди
Бугарски „Енекод“ не може да го преземе „Фени“ иако договорот за купопродажба беше најавено дека ќе се потпише во петокот. За финализирање на договорот останува банките со кои соработува „Фени“ да се согласат на продажба. Вработени од фабриката велат дека за да го стават потписот, банките побарале кеш отплата на дел од долгот и гаранции за отплата на останатиот дел, како доказ за сериозноста во намерите на инвеститорот, но не добиле никакви гаранции ниту пак отплата.
Во петокот, по состанок одржан со раководството на фабриката и претставници на бугарската „Енекод“, Пецо Ристовски, претседател на Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството, потврди дека бугарска фирма ја купува „Фени“ и објасни дека инвеститорот најавил дека ќе го преземе вкупниот долг, кој надминува 70 милиони евра.
Вработените се сомневаат дека се работи за уште една измама, која на краток рок треба да му обезбеди бегство на сегашното раководство кое според нив е највиновно и директно одговорно за прекинот на производството и огромните долгови на фабриката.
„Продажбата е премногу добра за да биде вистинита. Новиот инвеститор премногу лесно ветува се што ќе се побара од него. Се појави преку ноќ и прифати да го преземе целиот долг, за кој дознавме дека е над 70 милиони евра. Интересно е тоа што долгот на ’Фени’ изнесува речиси исто колку сумата од 66,5 милиони долари што се уште актуелните сопственици со судска одлука требаше да ги вложат во фабриката до 2016. Наместо тоа тие ги префрлиле сите долгови во 2017 година па сега вака обезвреднетата фабрика, која вредеше милиони ја продаваат за еден долар, како банкротирана фабрика и ни нудат ветување дека новиот инвеститор ќе ги покрие огромните долгови. Ненадејното појавување на купувач, кој воопшто не е од металуршкиот па ниту од производниот сектор, го отвора прашањето дали се работи за параван фирма, која само ќе му обезбеди елегантен излез на сегашниот сопственик кој во изминатите недели постојано беше предмет на финансиски и УЈП контроли. Се сомневаме дека ветувањата за исплата на платите, и тоа а во целосен износ и отплатата на долговите се само димна завеса за бегство на раководството. Сегашните ќе си заминат, а новите за месец- два ќе кажат дека не успеале да ја оживеат фабриката и одговорност за нелегалните дејствија и одлив на пари што актуелното раководство ги реализираше преку Нова Логистик – фирмата која од ќерка на ’Фени’ стана приватна сопственост на менаџерката и блиска пријателка на Миракхмедов, никој нема да преземе“, се сомневаат вработените.
„Макфакс“ ги истражуваше финансиските извештаи за работењето на бугарски „Енекод“. Тие се јавни документи, достапни онлјан. Од извештајот за работењето на компанијата во првите шест месеци од годинава се гледа дека основачкиот капитал на купувачот на „Фени“ е 100.000 лева или 50.000 евра. Вкупниот капитал и профит на компанијата на 31.06.2017 година изнесувал 278.000 лева или околу 140.000 евра, обртот на средства за периодот јануари- јуни 2017 година изнесува 4,6 милиони лева, а компанијата пријавила загуба од 640.000 лева во првите шест месеци од годинава.
Сегашното раководство на фабриката е недостапно да одговори дали сомневањата на вработените се основани, а недостапен за медиумите е и претставникот на бугарски „Енекод“ кој во петокот се појавил на состанокот во фабриката.
Неофицијално, банките со кои соработува „Фени“ велат дека го истражувале бугарскиот купувач и се сомневаат дека компанијата има капацитет да ги исплати долговите. Токму затоа бараат „Енекод“ да докаже дека е компанија која може да преземе таква обврска. Официјално, пак, секоја од банките вели дека банкарска тајна се договорите што ги имаат со „Фени“.
Фабриката престана со производство минатиот месец поради огромни долгови. Остана да работи на минимум само една од производните линии, зошто ако се изгаси и таа, вработените велат дека фабриката ќе биде само старо железо. Во меѓувреме имотот на фабриката беше попишан од извршители на доверителите кон кои „Фени“ има долгови и се преземаа чекори кои фабриката ја водеа во стечај.
М.И.П.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.