Daily news
(Видео) Поделен владиниот колач за култура, најмногу пари за театар, најмалку за филм
Буџетот во културата за 2018 година е развоен буџет со кој ги кратиме мегаломанските и непродуктивни трошења на парите на граѓаните, вложуваме повеќе пари директно во културата и уметноста, потенцираше министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, на денешната прес-конференција во Владата на која беше претставен буџетот за култура за 2018 година.
За идната година Владата издвои за културата 4 милјарди 268 милиони и 497 илјади денари, односно 69 милиони и 406 илјади евра. Споредено со лани, тоа е зголемување за 4,48 отсто. Ако се спореди со буџетите на земјите во регионот, процентот од 2 отсто од вкупниот владин буџет што се излева за култура е најголем.
Најмногу пари, поточно 92 отсто од вкупниот буџет ќе бидат за финансирање на дејностите во областа на култура, а само 8 отсто за трошоците на администрацијата.
Како наследени обврски за финансирање sе сервисирање на обврските за изградбата на Македонската филхармонија со 600 милиони денари, потоа 13 отсто ќе се потрошат за изградба на Албанскиот театар во Скопје и Театарот и Библиотеката во Тетово, 12 отсто за драмската дејност, 11 отсто заштита на културното наследство, 9 отсто за музичко и сценско-уметничката дејност, 7 отсто за фолклорната и сценско-уметничката дејност, 6,9 отсто за музејската дејност, 6,3 отсто се за блок-дотациите до единиците на локалната самоуправа, а околу 4 отсто или 154.5 милиони денари за Агенцијата за филм.
Алаѓозовски вели дека со ова се става крај и на проектот Скопје 2014 , но изградбата на спомен обележјето на Мајка Тереза и Офицерскиот дом ќе продолжи.
„Во овој момент работната група за Скопје 2014 ги утврдува штетите од Скопје 2014 и со ревизијата натаму ќе решиме што ќе се прави со нанесената штета. Што се однесува до започнатите и недовршени градби, како споменикот за Мајка Тереза и Офицерскиот дом, тие ќе продолжат, но ќе се отстрани сè што е предвидено како дополнителен кич-трошок, како позлатени фигури и слично. Според проценките, ова нема да чини многу“, рече Алаѓозовски.
Тој истакна дека наследените сервисирања, како што е изградбата на Албанскиот театар, се бидејќи претходната власт иако требало да ги доврши овие обврски, средствата ги пренаменувала за други проекти.
Како важен капитален проект за идната година се издвојува инвестицијата од 10 милиони денари за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола и 10 милиони денари за изградба на спомен-обележје на Тоше Проевски. За капитални инвестиции ќе се сметаат и санација на покривите и други ургентни инвестиции за обезбедување елементарни услови во културните установи.
Новина е зголемувањето на буџетот за финансирање активности за европски интеграции, за што се предвидени 20 милиони денари, односно 90 отсто повеќе од лани, а исто така за првпат 28 милиони денари ќе бидат инвестирани во нови мултидисциплинарни и модерни уметнички изрази. (А.В)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.