Daily news
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара итно да се повлече годишната програма за култура
Како одминува времето и како стручната јавност ја анализира националната годишна програма на Министерството за култура, така доаѓаме до сè поскандалозни сознанија. Имено, освен оние чии имиња досега излегоа во јавноста со забелешка дека имаат конфликт на интереси за работата во стручните комисии, на листата поддржани автори за 2018 година се јавуваат и имињата на некои од членовите на Советот за култура на Министерството за култура: Весна Гиновска-Илкова, Владимир Милчин, Маја Бојаџиева, Решат Амети, изјави денеска Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, најстариот македонски детски музички фестивал „Златно славејче“, кој постои веќе 48 години и со кој пораснаа илјадници генерации деца, доби само 200.000 денари од програмата за култура, а во исто време се одвојуваат 300.000 денари за реализација на една песна на само едно дете. За ова реагира и Детската амбасада „Меѓаши“, но срамното образложение на министерот е дека артистот не смеел да се остави без средства, без разлика на неговиот минат труд.
„Сојузот на албанските артисти АРТ Тетово, кој патем е регистрирано за лов, за само еден од трите проекти чија вкупна сума изнесува 2.400.000 денари, добил рекордни 900.000 денари за проектот „Запознавајќи ги нашите вредности“, а на Сојузот на композиторите на Македонија за музичката манифестација „Струшка музичка есен“, која има 42-годишна традиција, се доделени само 150.000 денари. Дали многубројни докажани уметници и професионалци останаа неподдржани, само поради тоа што немале блиски врски со претседателот на Комисијата за музичка и музичко-сценска дејност, Васо Ристов, кој, од друга страна, пак, преку комисијата на која тој е претседател, доделил 1.480.000 денари на Факултетот каде што тој е продекан. Дали ова не е пример за класичен конфликт на интереси?! Истата комисијата доделува огромни средства и за повеќе студентски фестивали и натпревари во кои досега Ристов редовно се јавува како организатор и член на жирито. Меѓународниот натпревар за млади музичари „Охридски бисери“, каде што продеканот досега бил редовен член на жири-комисијата, добил вртоглави 1.300.000 денари“, вели Вељановски.
Тој додава дека проектите на своите најблиски соработници – професори и студенти на Факултетот за музичка уметност од комисијата се наградени со речиси 12.000.000 денари. На својата колешка Весна Гиновска-Илкова, која истовремено е и член на Советот за култура во Министерството за култура, комисијата ѝ доделила 210.000 денари.
ВМРО-ДПМНЕ бара итно да се повлече годишната програма и да се донесе нова, правична и објективна. ВМРО-ДПМНЕ бара да се повлечат членовите на комисиите што одлучуваат за одобрување на средствата поради очигледен судир на интереси и да се постават нови. ВМРО-ДПМНЕ цени дека ваквиот годишен план за култура само ја уназадува културата и придонесува за девалвирање на културата и на македонските културни вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.