Daily news
(ВИДЕО) Груевски: Остваривме голем дел од ветувањата дадени во Охрид, СДСМ не направи ништо
Со извикување на паролата „Никола, Никола“ во Охрид беше поздравен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Претседателот на партијата својот говор го започна евоцирајќи спомени од детството, при што спомна дека кога првпат дошол во градот, престојувал во Пештани, опишувајќи се себеси како палаво дете.
„Градоначалникот на СДСМ во Охрид направи најголем долг во општината. По четири години, може да кажам дека Бакрачески го намали долгот, а со многу работа и труд успеавме да реализираме најголем дел од ветеното“, рече Груевски.
Тој ги спомена реконструкцијата на велосипедските патеки, булеварот Туристичка, пешачката патека во стариот дел на градот, како и на повеќе улици во Охрид. Груевски ги спомена и игралиштата изградени во градот.
„Изградени се плоштади, направена е комплетна атмосферска канализација и изградена е нова фекална и атмосферска канализација. Охрид набави пет комунални возила за потребите на општината. Тука се отворија четири градинки. Заради сето ова, за тоа што задржа чист образ, сакам да му честитам на Никола Бакрачески за сите овие досегашни успеси. Тој нè извести дека поради семејни причини, не сака да влезе како кандидат за градоначалник“, додаде Груевски.
За градски татко на Охрид овој пат кандидат е д-р Митко Тилевски кого Груевски го претстави како чесен и работлив човек, борец за сè што ќе се зафати, подготвен за предизвици и енергија.
„Новата програма за наредните четири години, која сите ќе може да ја прочитате, е веќе подготвена. Таа ќе помогне да се решат многу ваши проблеми. Тилевски знае дека ако ВМРО-ДПМНЕ вети, тоа мора да се исполни. Тој е сериозна личност, кој кога ќе се зафати за некоја работа, тоа и го прави“, вели Груевски претставувајќи го новиот кандидат за градоначалник на Охрид.
„Планираме изградба на нов модерен парк, а предвидуваме и комплетна реконструкција на булеварот Туристичка, каде што ќе има фекална канализација, зеленило, велосипедска и пешачка патика. Ветуваме реконструкција и асфалтирање на улиците Св. Кирил и Методиј, Јордан Мијалков, Стив Наумов, во Пештани, Љубаништа, Косел и на други места. Ќе направиме доизградба на водоводните системи на неколку улици. Ќе извршиме реконструкција на градниките „Росица“ и други две. Во новиот дел на охридската гимназија ќе се направи реконструкција на дворот, а ќе се опреми и со нов мебел. Охрид ќе биде првата општина што од свој буџет ќе изгради социјални станови и ќе ги подари на ранливите категории граѓани“, рече Груевски претставувајќи ја програмата, по што беше поздравен со аплауз од присутните.
Груевски во својот говор го обвини СДСМ дека не ги остварува ветувањата, а ги удомуваат, како што ги нарече, шарените платеници. Тој додаде дека живот во Македонија во изминатите четири месеци има само за нив.
Нашите опоненти се свесни дека ако не направат некоја далавера, ќе ги изгубат овие избори. Тие ќе ветуваат сè и сешто, ама познати се по тоа дека не исполнуваат. Ако победат, ќе има живот само за нив, но не за Македонија. Економијата оди во надолно ниво. Ветуваа 500 евра просечна плата, а нема. Откако стапнаа во Владата, нов странски инвеститор не стапна во Македонија. Резил и срамота, но и жално е тоа. Нека отидат во „Ван Хул“ за да видат што е фабрика. Нека отидат и во штипската странска инвестиција за да видат што значи да ветиш, работиш и да исполниш ветување. Ќе ве потсетам како во најголемиот ек на политичката криза, која тие ја наметнаа, економијата растеше и истовремено се решаваа проблемите на граѓаните“, додаде Груевски говорејќи за политиките на владејачката СДСМ.
Груевски остатокот од својот говор го посвети на политиките на СДСМ, кој ги обвини за многу хајки и лоши политики.
К. Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.