Daily news
(Видео) Здруженијата на здравствените работници бараат да им се овозможи формирање комора
На 13 декември во „Вип арената“ на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје се одржа работилница, односно голем состанок на кој учествуваа преку 2.000 медицински лица, претседатели на граѓански здруженија и поддржувачи на залагањата на здравствените работници со средно, вишо и високо образование. Главна тема на настанот беше „Видиците на нашата професија преточени во закон и комора“.
На истиот беше наведено дека вредноста на здравствените работници и нивната голема улога во здравствениот систем е добро позната во општеството, па затоа постоењето комора која вистински ќе се грижи и ќе ги штити нивните интереси е следниот чекор кон кој се стремат стручните здруженија.
„Да спасиш еден живот, тоа значи дека си херој, но да спасиш илјадници животи, тогаш си медицинска сестра“ – ова е девизата која секој ден на илјадници медицински сестри насекаде низ светот им дава поттик за работа. Да се биде медицинска сестра значи хуманост, храброст и пожртвуваност во битката да се одржи и сочува здравјето на поединецот кое всушност претставува состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест. Ова е девиза која не важи само за медицинските сестри туку и за сите здравствени работници кои го даваат максимумот во својот домен, истакнуваат од здруженијата на здравствените работници со средно, вишо и високо образование.
Едногласни во нивните ставови тие го побараа законот за сестринство и основање на комората за здравствените работници со средно, вишо и високо образование.
„По долги години ние, медицинските сестри, стоматолошките сестри, техничарите, акушерките и лаборантите од цела Македонија се сплотивме во Унија и во седум здруженија во кои сме членови. Главната цел е вака сплотени да успееме да го добиеме законот за сестринство, кој треба да го уреди нашето здружување во комора. Комората, пак, е правен субјект која треба да ги постави основните начела по закон и по пропис, но и да ги штити нашите права, односно тоа е неминовно за да нè имплементира во здравствената политика. Многу прашања и проблеми ќе се решат доколку го добиеме законот како основа, а законот да ни ја предвиди комората. Многу ни значи поддршката од лекарската комора бидејќи оваа работа е тимска и ние сме сите исто стручни и професионално зависни. Сето ова ќе придонесе за подобрување на целокупната состојба со нашиот профил, а најмногу до зголемување на довербата кај пациентите. На наше задоволство од сите страни имаме поддршка и соработка на која ѝ се радуваме и веруваме дека ќе успееме бидејќи ние, медицинските сестри, сме ангели без крилја. Но, кога стануваме медицински сестри ни растат крилјата. Ние можеби не сме ангели, но сме втората најубава работа по ангелите“, изјави претседателот на здружението на медицински сестри, техничари, стоматолошки сестри и акушерки „За нас“ и координаторот на Унијата на здруженија.
Беше потпишана и декларацијата на сите седум здруженија со која ќе побараат од надлежните да им се овозможи формирање комора. Големиот настан својата поддршка ја доби и од голем број државни функционери кои поради тековните работни обврски не успеаја да присуствуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.