Daily news
(ВИДЕО) „Кога зградите би зборувале“ – проект во киното на Железничката зграда во Скопје
„Целиот комплекс на Железничка зграда во Скопје и старото кино кое е дел од овој објект е во многу лоша кондиција и овој простор би можел да претставува мултимедијален простор во кој ќе има можност да се случуваат дебати, изложби, дискусии. Тој треба да биде од интерес за општинските власти со што би помогнале киното да продолжи да живее како заедничка содржина на сите станари, а не да се претвори во простор кој е мамка за станарите за присвојување во приватни цели“, вели Ивана Васева, кураторка на проектот „Кога зградите би зборувале“, кој ќе се одржи викендов (сабота и недела) во киното на Железничка зграда во Скопје.
Дводневниот настан опфаќа панел-дискусија утре од 11 часот, со гостите од градовите-партнери на проектот Белград и Загреб и професори од Архитектонскиот факултет од Скопје, а ќе учествуваат и тројца станари на зградата Иван Џијановски, Слободан Кочевиќ и Томе Каревски. В недела, пак, од 12 часот е перформанс кој е дел од придружната програма на фестивалот „Млад отворен театар“, а учествуваат актерките Кристина Леловац, Сања Арсовска, Јасмина Василева и Долорес Поповиќ и самите станари.
Комплексот Железничка колонија изграден 1946 година, проектиран од архитект Михаил Дворников во Скопје претставува еден од најважните прототипови на интегрирано живеење во рамките на периметрален блок со централен двор во Република Македонија. Овој тип на станбен блок (Железничка колонија) се гради во време кога Ле Корбизје го гради Марсејскиот блок (Unite d’Habitation), што претставува културно светско наследство прогласено од УНЕСКО. Железничката колонија во Скопје е објект наменет за живеење на луѓе вработени во Државна дирекција за железници–Скопје во рамки на сојузната југословенска управа. Објектот е станбен блок со намена живеење, а е организиран со мултиплицирање на повеќе секции околу централен заеднички двор.
„Зградата ја преживеа поплавата во 1962, земјотресот во 1963, па и ланските земјотреси кои ни направија големи штети. Ние тројца го одржуваме зеленилото, дел од дрвцата се засадени кога се менуваше локалната власт на минатите избори. Порано имаше во секој ќош липи, но станаа опасност за становите. Сè правиме сами“, вели Иван Џијановски, кој е еден од станарите вклучен во проектот од самиот почеток.
Филип Јовановски, автор на перформансот и дел од организацискиот тим, вели дека целта е да се покаже како уметноста и културата на еден партиципативен начин на вклучување на заедницата влијаат на одредени општествени промени.
„Она што ме интересира е создавање уметнички проекти кои се поврзани со заедницата, во овој случај станарите од Железничка зграда со кои заедно градевме одредена приказна и дел од тој процес ќе биде претставен на перформансот в недела во 12 часот. Овој проект го покренува прашањето за важноста на јавниот простор, на социјалното домување и колективот воопшто, сè она што опфаќа оваа зграда. Што се однесува на перформансот, темата е самата зграда; едната линија е прошетка низ меморијата на тројца станари Иван, Томе и Слободан, и преку нивното сеќавање правиме прошетка за публиката низ оваа зграда, а втората е самото кино каде се одржувале секакви настани. Самата идеја да се проектира кино во еден станбен објект била многу напредна и сакаме да го потенцираме значењето на тој објект“, завршува Јовановски.
„Вклучен сум во проектот од самиот почеток пред две години и за мене како архитект беа важни две насоки: времето кога е изградена зградата и како таа се менувала и пригадолувала и како се вклопува во денешен контекст и втората односите на луѓето во самата зграда. Зградата е еден мал организам постојано изложен на промени кои се видливи и тие трансформации на зградата и луѓето ми се фокусот на утрешниот панел со гостите-колеги од Србија, Хрватска и професорите од Архитектонскиот факултет, а перформансот в недела го заокружува целиот процес. Инаку, како архитект не би менувал ништо на зградата, само би го вратил објектот на почеток, односно дворот би го отворил од двете страни и би ја продолжил пешачката пасарела за да комуницира просторот“, вели Дејан Ивановски, истражувач и ко-автор на сценариото.
Процесот „Кога зградите би зборувале“ подразбира истражување на Железничка зграда во Скопје од ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/ Скопје, комплексот на згради Белвил во Белград во соработка со партнерот Супервизуелна и Фабриката Пенкала – Мостер во Загреб, во соработка со организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб, во периодот од октомври 2015 – септември 2017 година.
Проектот е поддржан од Балкански фонд за уметност и култира (BAC). BAC е спроведуван од Швајцарската влада преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Европската културна фондација (ECF).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.