Daily news
(ВИДЕО) Николовски: Ќе доставиме нота до Хрватска за стопирање на правилникот за контрола при увоз на овошје и зеленчук
Со новиот правилник што го донесе Хрватска за увоз на овошје и зеленчук значајно се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на чинење на производот. Со такви зголемени цени македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на пазарот, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Хрватска го донесе новиот правилник за инспекциски надзор и контрола за усогласеност на овошјето и зеленчукот со пазарните стандарди на 15.7.2017 година. Со овој правилник трошоците за контрола на квалитетот на овошјето и зеленчукот се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 евра) од производ на 2.000 куни (274 евра) за производ.
„Сметаме дека со носењето на овој правилник се воведува нетарифна бариера од страна на Република Хрватска за заштита на хрватскиот пазар од увоз на свежо овошје и зеленчук. Имајќи ги предвид штетите што може да настанат при извозот на македонското овошје и зеленчук на хрватскиот пазар, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе достави нота до хрватското Министерство за земјоделство во насока примената на овој правилник да биде стопирана и трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на реална нивна висина. Истовремено, ваква нота ќе биде доставена и до надлежните институции на Европската комисија“, рече Николовски.
Во насока на решавање на овој проблем, в понеделник надлежните министри на Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ќе се сретнат во Сараево за да изградат заеднички став и заедничка реакција до хрватската страна.
Република Хрватска е значаен трговски партнер на Република Македонија во трговијата со земјоделско-прехранбени производи, односно втора од земјите членки на Европската Унија (со вредност на извозот на земјоделско-прехранбени производи од 36 милиони евра годишно) и трета од земјите членки на Европската Унија (со вредност на увозот на земјоделско-прехранбени производи од 37 милиони евра годишно).
Вредноста на извозот на овошје и зеленчук од Република Македонија во Република Хрватска е околу 5 милиони евра годишно. Најмногу се извезуваат свежи пиперки, зелка, домати, краставици, трпезно грозје и лубеници. Од Република Хрватска најмногу се увезуваат: месо од живина, шеќер, чоколади, цигари, сирење, конзервирана риба и други производи.
Република Хрватска како земја членка на ЕУ треба да ја почитува Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) која Македонија ја има склучено со Унијата. Односно, во согласностс со ССА, член 27, точка 1, „од денот на стапување на оваа Спогодба, Заедницата ќе ги укине царинските давачки и другите давачки кои имаат ист ефект за увозот на земјоделските производи со потекло од Република Македонија“. Исто така, со носењето на овој правилник се врши дискриминација наспрема земјите членки на Европската Унија за кои трошоците за инспекцискиот надзор остануваат 90 куни, а за трети земји (земји што не се членки на Европската Унија), трошоците ќе бидат 2.000 куни. Висината на овие трошоци е нереална имајќи предвид дека контролите се однесуваат на физичка проверка на производите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.