Daily news
(Видео) Печатените медиуми бараат владата да субвенционира педесет отсто од трошоците за печатење и дистрибуција
Во Владата на Република Македонија денеска се одржа јавна дебата за тоа дали и кој е најдобриот модел за поддршка на печатените медиуми, како дел од заложбите за плурализам во медиумскиот избор за граѓаните во нашата земја.
„Владата има најдобра намера и останува нејзината посветеност, во рамки на планот 3-6-9 и планираните реформи за приближување на Република Македонија кон Европската Унија, да помогне и да ги поддржи сите печатени медиуми на пазарот. Потребно е да се најдат вистинските начини за тоа и затоа ја отвораме оваа дебата“, изјави министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на денешната трибина со претставници на печатените медиуми и со други медиумски работници.
На дебатата претседателот на новоформираното Здружение за заштита на печатените медиуми (ЗПМ), Лирим Дулови, ги соопшти првичните очекувања на претставниците на печатените медиуми. Дел од првичните предлози за поддршка се однесуваат на субвенционирање на педесет проценти од трошоците за печатење и дистрибуција за дневните, неделните и месечните печатени медиуми со информативен карактер, како и помош од 20 проценти за медиумите на помалите етнички заедници.
На денешната дебата биле отворени прашања и дилеми и меѓу самите медиумски претставници, и тоа дали Владата треба да ги субвенционира и весниците што се бесплатни и весниците што се занимаваат со стручна и специфична тематика, информираат од владината прес-служба.
Министерот Поповски нагласил дека Владата ги следи забелешките на експертската група на Прибе кои се однесуваат на економските предизвици на печатените медиуми и потребата од поддршка од страна на државата со цел надминување на потенцијалната закана за слободни и плуралистички медиуми, што е од суштинско значење за секоја демократија.
Тој истакнал дека во оваа фаза се добредојдени сите конструктивни предлози за оваа цел и информирал дека доколку се донесе одлука за финансиска поддршка на печатените медиуми, средствата за оваа цел ќе се бараат со ребалансот на буџетот идната, со оглед на тоа што во буџетот за 2018 година нема утврдено ставка за оваа намена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.