Daily news
(Видео) Скопскиот адвадукт, како културно наследство, ќе се заштити и обнови
Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за култура Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски денеска беше во посета на на Скопски Акведукт. Тие најавија акција за целосна заштита и конзервација на Скопскиот аквадукт и создавање на еден пријатен амбиент со повеќе придружни рекреативни и културни содржини.
„Како што гледате, просторот околу овој бесценет историски објект, кој во изминатите години беше претворен во дива депонија, оставен запустен без никаква грижа, сега е целосно исчистен. Оттука па натаму, продолжуваме со интензивна акција, која треба оваа локација да ја претвори во атрактивна дестинација за граѓаните на Скопје, на Македонија, но и за регионалните и светските туристи“, изјави Заев.
Министерот за култура, Робер Алаѓозовски вели дека по повеќегодишно институционално запоставување, во 2018 година се издвони 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. „За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази. Освен тоа, Министерството ќе ги поддржи програмски и културните содржини кои ќе ги реализираат Градот и општините на чија територија е локалитетот и контактните зони.Последни посериозни инвестиции во геотехничките и геофизички истражувања, сондирањата и анализата на материјалите на Аквадуктот се реализирани пред неколку години, претежно со меѓународни донации, додека нашите институции беа прилично пасивни и речиси го игнорираа овој атрактивен локалитет, кој наместо да го оствари својот културен, туристички, рекреативен, еколошки потенцијал, беше претворен во една голема депонија“, рече министерот.
И Град Скопје ќе се вклучи во акцијата за целосна заштита и конзервација на Скопскиот аквадукт. „Нашата намера е повторно да го вратиме овој локалитет на туристичката мапа на главниот град. Во таа насока, ќе обезбедиме соодветна инфраструктура заедно со посебна сигнализација и информативни табли, зеленило, урбана опрема и придружна културна инфраструктура, како и се што е потребно за овој локалитет да стане достапен и привлечен за посета. Град Скопје на оваа локација има предвидено изградба на летна сцена од 600 до 1000 седишта, надвор од заштитното подрачје, изведена на начин што нема да смета на визурата на аквадуктот. Скопје наскоро, повторно ќе биде град со којшто сите ќе се гордееме“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Во насока на подобрување на пристапноста на аквадуктот, градоначалникот Шилегов кажа дека Градот Скопје работи на проектирање на ролерско-велосипедска патека на Кејот на реката Вардар од кајакарскиот клуб во Градскиот Парк, покрај реката Серава, низ Момин Поток, покрај касарната „Илинден“ до самиот аквадукт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.