Daily news
(ВИДЕО) Медицината контра алтернативата: Дали канабисот лекува?
Филип Достовски, претседател на Здружението „Зелена алтернатива“ , кое се залага за употреба на марихуаната во медински цели, прашува зошто и натаму државата ги „штити“ оние на кои им е потребно маслото за лекување, односно зависат само од потписот на докторите и легално им е достапно само тоа што го има во аптеките. За Достовски, количините што се деривираат на легалниот пазар се минорни и малку или воопшто го немаат ефектот на тоа што некој сам може да си го произведе и вистински да добие резултати.
Од 2014 година, кога е формирано ова здружение, до денес законот е променет и во овој момент употребата на маслото од канабис кое се продава во аптеките е дозволено со одобрување на медицинско лице.
Според неофицијалните податоци, кај нас канабис користат 50.000 луѓе за лекување, а бројката на оние што го консумираат за т.н. рекреативна употреба повеќекратно е надмината.
Достовски вели дека од него масло, препораки и рецепти за канабис бараат и доктори, и луѓе со сериозни дијагнози, но и натаму не сакаат јавно да проговорат за тоа.
Примената на маслото кај деца со заболувања како што е епилепсијата или аутизмот покажала фасцинантни резултати според него.
-Во нашето истражување беа вклучени дестина пациенти кои го применуваат и велат дека се случиле вистински чуда, вели тој.
-Мојата мајка, која боледуваше од Паркинсонова болест и има 70 години, по кратко време со употребата на маслото од канабис стана сосема функционална и денеска може да ги врши сите обврски, да се грижи за домот и своите внуци, ни рече синот на оваа мајка кој сака да остане анонимен.
Семејство од Прилеп сведочи дека нивното 6-годишно дете со сериозна дијагноза на епилепсија е сосема излекувано благодарение на маслото од канабис.
На една видеоснимка, детенце со аутизам кое било сосема нефункционално, со голем ризик неартикулирано да се повредува, по неколку примени на маслото, сега се развива сосема нормално.
Сите овие луѓе, особено родителите на болните деца, не сакаат да зборуваат пред камера и да ги откриваат своите идентитети, поради сочувување на деликатноста на нивниот живот, но и поради законот кој и натаму не подразбира целосна декриминизација на канабисот.
ОКОЛНОСТИ ШТО ДОСТОВСКИ ГО НАПРАВИЛЕ „ЕКСПЕРТ“
Достовски со канабисот се сретнал пред 20 години, уште како малолетен тинејџер, и по добивање на сериозно малигно заболување и подлегнување на медицински третман како хемотерапија и радиотерапија, почнал да го користи канабисот. Откако истражувал и навлегол во сите аспекти на бенефитот од оваа билка, сосема се излекувал. Откако болеста направила рецидив, Достовски и тоа го санирал со маслото, на што докторите немале коментар. „Ми рекоа, бркај работа, здрав си!“
По неколку такви искуства, и откако помогнал на луѓе кои го побарале тоа од него, во 2014 година го формира здружението Зелена алтернатива, и упорно се бори за максимално да ја информира јавноста и да помогне на што е можно повеќе луѓе.
ЛЕКОТ Е ПЕТ ПАРИ АМА ЗАКОНОТ ВИКА ДРУГО
Речиси нема човек во Македонија кој за некој близок што боледувал од малигно или хематолошко заболување не се обидел да набави масло од канабис.
Дилемите кои се отвораат кога е во прашање лек секогаш одат на адреса дали некој сака да профитира од тоа што ќе помогне.
На ова прашање Достовски е дециден дека канабисот е евтин и со производство на маслото може да се занимава секој, но цената на билката е висока само поради тоа што таа и натаму е криминализирана. Доколку истата стане легална, секому би била бесплатна.
Македонската јавност сигурно се сеќава и на примерот со актерот Кирил Поп Христов, кој беше апсен бидејќи произведувал масло од канабис. Тогаш Кили објаснуваше дека неговата серизна дијагноза ја лекува на тој начин. Сега тој е здрав и жив и живее далеку од Македонија.
Истражувањата покажуваат дека сајд ефектите или каква била штетност од употребата на канабисот нема ниту кај деца ниту кај возрасни. Достовски објаснува дека оние придружни психотропни моменти кои можат да се случат, како петнаесет мунтна параноја, се минорни во однос на здравствениот бенефит што го има пациентот.
ДОКТОРИТЕ СО СТАВ ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА ИЗОЛИРАНИ СЛУЧАИ НА ИЗЛЕКУВАЊЕ
Мало истражување низ скопските трафики вели дека продажбата на ризли (хартија за замотување цигара со канабис) е зголемена тројно во последниве три години.
Во разговор со еминентни доктори, како Милан Ристовски, поранешен директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, впечатокот е дека веќе можат да потврдат исцелителни резултати на маслото, но истражувањата и натаму траат за да се дојде до некој фактички доказ.
Ристовски ни посочи два случаи на пациенти со тумори во главата кои се самолекуваат со маслото и сосема нормално живеат. Тој медицинско објаснување за ова нема, но вели дека и Светската здравствена организација и на семинарите во светот, на кои често присуствува, се зборува многу за употребата на канабис, која и натаму може да се нарекува само суплемент, но не и лек.
Дали прашањето останува спорно, некаде меѓу моќта на фармацевстката индустрија и примената на алтернативната медицина, профитот или, пак, неистраженоста на темава, останува да се разјаснува и натаму.
Инаку, на македонската почва вирее посебен вид див канабис сатива кој единствено го има кај нас, а научниците што повеќе од 30 години ја истражуваат оваа билка го сметат за пресуден во лекување на детската епилепсија.
Ана Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.