Daily news
(Видео) Kако се однесува инспекторот што го штити Инспекцискиот совет
По објавувањето на сторијата за рекет што го прават одредени инспектори, а Инспекцискиот совет не ги казнува, порталот „А1 он“ објави дека во редакцијата се јавиле десетина случаи што сакале да сведочат за секојдневно малтретирање и изнуда на пари.
Порталот пишуваше за случајот на Владимир Јашевиќ, сопственик на „ВНД компани“, фирма што се занимава со кетеринг-услуги и која се осмелила да проговори за притисоците што се вршат врз него. Инспекцискиот совет соопшти дека не пронашол никави неправилности во работата на наведениот инспектор, иако во претставката е наведено дека фирма на семејството на инспекторот исто така се занимава со кетеринг, со притисок го презема бизнисот кај набавувачите кај кои Јашевиќ носи храна.
Претставката на Јашевиќ во Инспекцискиот совет е примена на 25 декември, но од Советот веднаш го известиле инспекторот, кој следниот ден повторно отишол во објектот на Јашевиќ во контрола за да му покаже кој е посилен.
Од Инспекцискиот совет, додека е во тек претставката, најмалку што можеле е да забранат истиот инспектор да го посетува објектот и да врши натамошни притисоци и да се осветува зошто е поднесена претставка за него. Но, не само што отишол, од видеоснимката се гледа дека сите продукти – месото, лебот – ги фаќа со рацете, без заштита. Потоа се фаќа за носот, ушите и косата и повторно ги фаќа продуктите, па ја става главата во фрижидерот и допира со носот внатре. „А1 он“ пишува дека ова е начин како им се закануваат инспекторите на сите сопственици зашто по допирањето на продуктите со валкани раце, доколку се јадат, може да се предизика труење за што ќе биде обвинет сопственикот.
Порталот во текстот наведува дека инспектори што не се согласуваат со овој начин на богатење поединци во нивните редови, посочуваат дека на терен вообичаено одат по тројца инспектори и притоа користат иста стратегија секогаш, со што му олеснуваат на Инспекцискиот совет да ги амнестира. Всушност, иако сите тројца се во посета на објектите, едниот настапува пред сопствениците и ја врши контролата во објектот по што бара одредена услуга, но на крајот во записникот се потпишува вториот или третиот инспектор. На овој начин и доколку има претставка за одреден инспектор, од Инспекцискиот совет се правдаат дека тој не бил потпишан на записникот и дека е сè во ред по што ја отфрлаат жалбата.
„А1 он“ пишува дека Инспекцискиот совет ја отфрлил претставката и од Јашевиќ иако во неа има доволно материјал за да се испитаат сомневањата за злоупотреба на службената положба и неетичкото однесување. Допрва Советот ќе мора да одговори како и зошто е отфрлена претставката, посебно по материјалите што допрва ќе се појавуваат во јавноста.
Иако многумина од нив до Инспекцискиот совет доставуваат доволно докази за сомнеж за постапување против одредени инспектори, Советот е со очајна статистика. Од десетици поднесени претставки, од септември досега имаат прифатено само една претставка, а сите до една се отфрлени како неосновани и беспредметни, дознава „А1 он“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.