Daily news
Вината на „Стоби“ преку специјализирани продавници на овој вински бренд го освојуваат кинескиот пазар
По огромниот успех што го постигнуваат на пазарите во Европа, САД и Русија, вината на винаријата „Стоби“ го освојуваат и кинескиот пазар. Во соработка и со голема посветеност на партнерот на „Стоби винарија“ за кинескиот пазар, компанијата „STOBI ( Shenzhen) International Wine. Co. Ltd”, вината на Стоби се продаваат во пет специјализирани продавници на брендот „стоби“ во неколку градови во Кина. Петтата таква продавница наменета исклучиво за продажба на вината „стоби“ беше отворена неодамна во кинескиот град Фужу со голема свеченост, за време на посетата на менаџерскиот тим на македонската винарија на оваа азиска земја.
Отворањето на специјализираните продавници „Стоби“ во Кина наиде на голем интерес од локалните медиуми, имајќи го предвид огромниот и развиен вински пазар во оваа азиска земја каде што особено се ценат црвените вина, кои се и најбарани. Токму квалитетните црвени вина на „Стоби“ ги задоволија вкусовите на кинеските потрошувачи, така што потрошувачката на овој вински бренд во Кина достигнува речиси 1 милион шишиња вино во текот на тригодишната соработка.
За време на десетдневната посета на Кина, основачот на винаријата „Стоби“, Минчо Јорданов, потпиша нов петгодишен договор со неговите тамошни партнери за продолжување на соработката. Со тоа и во следните пет години ќе продолжи интензивната промоција и широка презентација на квалитетните вина на „Стоби“ на кинескиот пазар.
Благодарение на поддршката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во организација на Винската асоцијација на Македонија, заедно со другите македонски винарии, вината на „Стоби“ во Кина беа претставени и на најпознатиот интернационален вински саем „Провајн Шангај“ (Prowine – Shanghai). Ова е еден од најценетите вински саеми во светот, на кој изложуваат најугледните вински производители од сите континенти. На годинашното издание на „Провајн Шангај“ учествуваа речиси 700 производители, увозници и дистрибутери на вино од 39 земји, а саемот имаше над 14.000 посетители. Во таква силна конкуренција, вината на „Стоби“ на овој саем привлекоа многу големо внимание и ги освоија симпатиите на присутните.
Во истиот период, локалниот дистрибутер на вината на „Стоби“ во Кина организираше презентации со дегустација на вино во градовите Вуши, Фужу, како и во градовите Жонгшан и Шенжен каде што веќе има отворени специјализирани продавници на „Стоби“, за кои љубителите на виното покажаа многу голем интерес.
„Вината на ‘Стоби’ во моментов може да се најдат во неколку кинески градови. Тоа значи дека се присутни на огромен пазар имајќи предвид дека секој од овие градови има по шест, седум, па сѐ до 25 милиони жители. Но, нашите планови за експанзија на азискиот континент не застануваат тука. Следни градови каде што е планирано да се отворат специјализирани продавници на ‘Стоби’ се Шангај и Пекинг. Освојувањето на кинескиот пазар е нов предизвик за винаријата, кој следи по успешното етаблирање на европскиот, на пазарот во САД и Рускиот пазар“, вели Ана Јорданова, сопственичка на винаријата „Стоби“.
Таа потенцира дека се многу горди на постигнатите резултати на кинескиот пазар.
„Промоцијата и успехот на една винарија ѝ ги отвора вратите на целата македонска винска индустрија, но истовремено и ја поттикнува промоцијата на Македонија како винска регија која може да се етаблира и конкурира на сите други светски вински дестинации“, вели Јорданова.
Во моментов вината на „Стоби“ се присутни на европскиот пазар во поранешните југословенски држави, соседните балкански земји, Холандија, Данска, Велика Британија, Германија. На пазарите на другите континетни, освен во Кина, „Стоби“ е присутен и во Јапонија и САД. Плановите на винаријата се да ги зацврсти своите позиции на пазарите каде што е присутна, како и да ја интензивира промоцијата на висококвалитетните вина на светските вински натпревари на кои редовно освојува највисоки признанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.