Daily news
Владата со нов национален план и со подигање на јавната свест ќе ја намалува загаденоста на воздухот
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, на денешната прес-конференција одржана во Владата на Р Македонија информираше дека Владата на вчерашната седница формирала Интересорска работна група од повеќе институции за следење на состојбата на амбиенталниот воздух и дефинирање на соодветни препораки и мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Притоа, Макрадули упати јавен повик за приклучување кон оваа иницијатива до сите невладини организации, еколошки друштва и здруженија на граѓани за да се дојде до што поквалитетни мерки и решенија.
Комисијата има за цел да помогне да се промени праксата во различни области, но и да се променат навиките на сите нас во насока на заштита и унапредување на животната средина.
Областите во кои се предвидуваат препораки, мерки и акции за намалување на загадувањето се: домашните ложишта, јавниот транспорт, мерки за намалување на загаденоста од сообраќајот, градежништвото, индустриските капацитети, посоодветни и посовремени начини за третирање на отпадот преку примена на современи технолошки и иновативни решенија. Исто така ќе се преземат мерки и иницијативи за едукација и подигнување на јавната свест кај сите нас дека сите можеме да придонесеме за намалување на загаденоста во нашата средина.
Притоа Макрадули истакна дека акции ќе се преземаат врз основа на параметри и реални податоци, а не на бранот на некаков популизам.
Паралелно ќе се работи на подготовка на Нов национален план за заштита на амбиенталниот воздух.
Дополнително ќе се предложат иницијативи за измена на законската легислатива за да се овозможи спроведување на дефинираните мерки како што се: зголемување на бројот на корисници на системите за централно греење, поддршка на централен систем за греење на природен гас,
намалување на емисиите од загревањето на домаќинствата, како и зголемување на административните капацитети кои се однесуваат на: контрола на оџаците, квалитетот на цврсти горива и типови на печки.
Што се однесува за намалување на емисиите од сообраќајот ќе се предложи: воведување режим на сообраќај.
Воедно ќе се предложат иницијативи за давање субвенции за замена на стари печки и купување печки со поголема енергетска ефикасност, за купување возила со нулта емисија, за промена на гориво во погонот на возила од областа на транспортот.
Иницијативи за финансиска поддршка за проширување на јавниот превоз со електрични автобуси и воведување на јавен превоз во поголемите градови.
Проширување на Државниот мониторинг систем со мобилна мониторинг станица со која ќе се овозможи мониторинг на квалитетот на воздухот во оние градови кои не се опфатени со постоечката мрежа
за следење на суспендирани честички со големина до 2.5 микрометри – PM 2,5 на дополнителни три локации (Тетово, Куманово, Битола), почнувајќи од јуни 2017 и засилен, односно почест инспекциски надзор со примена на вонредни инспекции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.