Daily news
(ВИДЕО) Владата ќе им дава субвенции на компаниите што ќе исплаќаат големи плати
Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска ги најавија мерките од новата сеопфатна економска програма со кои ќе се стимулирааат нови инвестиции и ќе се изедначат странските и домашните компании. Програмата содржи многубројни мерки, чија поента се сведува на стимулирање резултати, поголеми плати и повеќе вработувања.
„Програмата исклучува секаква дискреција. Таа ќе биде транспарентна, ќе важи за сите субјекти и ќе ги поддржува економските субјекти што ќе покажуваат резултати“, порача вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Мерките нема да важат за веќе привилегираните субвенционирани компании, туку само за тие што се изложени на слободниот пазар. Според Анѓушев, се предвидуваат три групи мерки. Првите за поддршка на целата економија, без оглед дали станува збор за странски или домашни инвеститори, дали се во зони или не. Вторите мерки се за извозно ориентирани компании, а третите за малите и средните претпријатија.
Поедноставно, Владата ќе даде финансиска помош за гринфилд и браунфилд-инвестиции само ако им се даде 50 отсто повисока плата од минималната на тие што ќе бидат вработени. Станува збор за платите над 18.000 денари, под тоа нема да бидат субвенционирани. Субвенциите во овој случај ќе бидат до 16 проценти. Оваа мерка е за привлекување инвестиции што го ценат трудот на вработените.
За оние што ќе водат сметка за високоплатените кадри и што ќе помогнат високообразованите да не ја напуштаат земјата, односно за сите компании што ќе дадат двојно поголема плата, ќе им бидат вратени 20 отсто од вредноста, така што платата ќе биде минимум 45.000 денари и ќе расте пропорционално натаму.
За странските директни инвеститори, за да ја зајакнат соработката со домашните компании, ќе им се надоместува еден отсто од набавките што ќе ги направат тука кај македонските фирми. Владата исто така ќе покрива до 20 отсто од платите на нововработените и 30 отсто од вредноста на опремата ако, освен производството, ги преселат и развојните центри тука.
За таргетираните инвестиции, односно интернационални компании со над една милијарда евра приход, ќе се обезбеди враќање на инвестициите од 10 отсто ако покажат пораст.
За сите мерки Владата ќе исплаќа отпосле, врз основа на резултатите. Мерките, како што се тврдеше, нема да извлечат повеќе пари од буџетот на Македонија од тоа што се правеше досега со напорите за привлекување инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.