Daily news
ВМРО-ДПМНЕ за СДСМ: Ветува подобар живот за сите, а работи само за себе
СДСМ на граѓаните им ветуваше дека ќе имаат план за подобар живот, им ветуваше поголеми плати, нови вработувања, но веднаш по доаѓањето на власт Заеви ја злоупотребија својата позиција за купување големи индустриски гиганти за багателни цени, тврди ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
„Трајче Заев за 20.000 евра го купи индустрискиот комбинат „Герас Цунев“, кој се простира на површина од 7.000 квадратни метри. Купи објект од 7.000 квадратни метри за смешна цена од 20.000 евра, приближно колку што чини една гарсониера од 20 квадрати во Скопје.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев наместо да работи за интересите на граѓаните, тој првенствено ги стави интересите на своите фирми. За да се задоволи бизнис-кланот на Заев и Анѓушев, Владата го прекрши Изборниот законик и изврши пренамена на земјоделско земјиште во градежно за фирмите на Анѓушев непречено и побрзо да ја изградат хидроелектраната „Тополка“. Во брзање да почне работата, фирмата на Анѓушев не чекала ниту одобрението за градба да стане правосилно, туку веднаш почнала да гради првенствено водејќи се од профитот, а не од по важечките закони.
Но, ова не е првиот, ниту последен корупциски скандал на тендерашот Анѓушев. Пред неполн месец фирмата во сопственост на вицепремиерот Анѓушев доби тендер за набавка, односно увоз на електрична енергија во вредност од 2,6 милиона евра. Но, поради притисокот од јавноста и очигледниот криминал, тендерот беше поништен од страна на ЕЛЕМ. Ова претставува целосно ставање на државата во корист на неколку фирми во сопственост на криминалниот клан на власта.
На генералниот секретар Драги Рашковски, наместо реформи и јакнење на капацитетите на Владата, поважно му беше да ги постави своите роднини на високи државни функции. За неполни 4 месеци единствена реформа по која Рашковски стана препознатлив е што сам се назначи за член на одборот во „Телеком“ за хонорар од 500 евра, крајно непотистички ја постави својата баба Елена Начевска, мајка на својата жена Вероника Начевска, за претседател на второстепената комисија за жалби, ја ангажира адвокатската канцеларија на својот кумашин Дејан Костиќ како правен застапник на Владата и покрај тоа што таа има своја правна служба што може да ја врши истата работа“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.