Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: Кршењето на процедурите и на законите е единствениот начин на кој што СДСМ знае да работи
СДС го покажа своето лице и покажа дека кршењето на процедурите, на Уставот и на законите е единствениот начин на кој што знаат да работат – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Впрочем за каков легалитет и легитимитет може да зборуваме кога се обидоа нелегално да изберат претседател на Собранието. Која ќе биде легалната основа врз која ќе се води работата на Собранието, ќе се носат закони и ќе се носат одлуки -додаваат од оваа партија и продолжуваат;
Таквиот преседан не може да донесе ништо добро. Затруеното дрво раѓа затруени плодови, а нелегално избраниот претседател не може да носи легални одлуки. СДС покажа дека брза по секоја цена да се добере до власт и час поскоро да отпочне да ја реализира Тиранската Платформа.
СДС не може да понуди ниту демократија, ниту реформи, ниту професионалност.
Крајно лицемерно е денес да зборува за професионалност во полицијата, која наводно тие ќе ја донеле, кога истиот тој Оливер Спасовски кога беше неколку месеци на позицијата министер за внатрешни работи направи брутална и противзаконска партизација на полицијата. Истиот тој Оливер Спасовски не направи една полициска акција за сузбивање на криминалот. Напротив се фотографираше со припадници од наркомафијата и подземјето, со фалсификатори како Чауш и со криминалци кои му одработуваа на теренот.
Патем СДС никогаш не направило ништо за полицијата. Секогаш ја напаѓале и обвинувале. Деновиве изминаа точно 2 години од бруталното насилство врз полициските службеници на нивниот протест пред владата. Вандалите и насилниците од СДС и платеничката револуција, тогаш повредија 40-тина полицајци. Полициските службеници и целата јавност видоа со кого си имаат работа. Целата деструкција на криминалецот Заев излезе на површина.
Дополнително утре се навршуваат 2 години и од полициската акција во Диво Насеље. Оливер Спасовски и Зоран Заев наместо да покажат грижа за оние кои се жртвуваа за Република Македонија, отидоа да прават селфи и да се смеат на местото каде што беа убиени македонските херои. Оливер Спасовски нема никакво морално право да говори за полицијата. За деветте месеци додека беше министер единствена реформа беше унапредувањето на сопругот на Фросина Ременски и целосно партизирање на министерството.
Ова е капацитетот на СДС, да се заортачи со криминалци, со центри кои не и мислат добро на државава, со негатори на македонскиот идентитет, само за да дојде на власт.
Криминалецот Заев и криминогеното раководство околу него премолчува се што е на штета на Република Македонија и му се брза да формира Влада, мислејќи дека ќе се спаси од кривичен прогон за големиот број на кривични дела за кои треба да одговара согласно закон. Граѓаните не сакаат да станат заложници на Заев и неговата деструктивна политика – истакна на пресконференција Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.