Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: Неправедно притворените мора да бидат ослободени
Граѓаните на Република Македонија вчера ја видоа сета деструкција на власта и антидржавните политики кои ги спроведуваат. Собранието без опозиција донесе неуставен закон за двојазичност со којшто се редефинира државата, реагираат во денешното соопштение од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Истовремено власта ја задолжува Македонија за половина милијарда евра, пари кои ќе ги трошат за задоволување на мегаломанските потреби. Вицепремиерот Кочо Анѓушев ја продава сопствената компанија на грчка фирма, додека Никола Димитров е на тајни преговори во Солун за промена на името. Паралелно владата одлучува ТАВ да не гради карго-аеродром во Штип со којшто економски ќе заживееше цела Источна Македонија и ќе се обезбедеше економски просперитет на подолг рок“, се наведува во соопштението.
Како што истакнуваат од партијата, во вакви услови невини луѓе патриоти се носат со лисици пред суд, а потоа пред камери ги враќаат во притвор иако за тоа нема никаква основа.
„Македонската јавност ги слушна аргументите изложени од нивната одбрана и се увери дека овие луѓе не се терористи туку жртви на политички прогон. Апелациониот суд може да го запре процесот на агонија во кој запаѓа општеството и да го врати принципот на владеење на правото како императив во својата работа. Судот ја има шансата како контролор на законитоста да го издржи притисокот и во интерес на демократијата и иднината на земјата да одлучува единствено врз база на закон. Судството мора да биде институцијата која во овие тешки времиња за македонската демократија ќе биде стожерот на државата. Судот ги има на увид сите докази и аргументи кои јасно и недвосмислено упатуваат на фактот дека делото тероризам за кое се товарат десетици македонски патриоти е чиста конструкција, која нема врска со правото. Судот ја има на увид и оценката на Народниот правобранител, кој јасно кажа дека се прекршени законите при приведување. Судот ги има на увид и фактите кои говорат дека правата на осомничените се ускратени и во истражниот затвор. Токму затоа треба да биде воден од совеста, да одлучува единствено врз база на закон“, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека правосудството мора да биде стожерот на државата бидејќи институциите се целосно разнишани, а, како што велат, пракса стана законите да се кршат за потребите на власта.
„Демократијата е уништена. Со секој поминат ден Република Македонија е сè подалеку од своите стратешки определби за членство во ЕУ и НАТО. Судот има шанса да застане во одбрана на правдата. Судот има обврска да застане во одбрана на аргументите. Само цврсто правосудство ќе создаде цврста држава. Неправедно притворените мора да бидат ослободени“, велат од партијата во своето соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.