Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: Сугарески изнесува невистини дека новиот автопат Миладиновци – Штип ќе чини дополнителни 20 милиони евра
Неспособноста на министрите во владата на Зоран Заев уште еднаш излегува на површина. Наместо да се зафатат со работа и да продолжат со изградба на автопатите кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ги започна и се од огромно значење за граѓаните на Република Македонија, тие се занимаваат со лажен ПР и манипулирање на јавноста ширејќи невистини пред граѓаните, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес -конференцијата на Горан Сугарески.
Според партијата, Сугарески јавно изнесува невистини дека новиот автопат Миладиновци – Штип ќе чини дополнителни 20 милиони евра, пари што наводно требало да ги платат граѓаните на Република Македонија.
„Господине Сугарески, од кои ваши партиски архиви ја извадивте оваа информација? Не туку мафтајте со некакви документи и не ги манипулирајте граѓаните тврдејќи дека се потребни дополнителни пари за изградбата на овој автопат.Ве повикуваме и овој пат јавно да излезете пред граѓаните, ама овој пат да ја говорите вистината и да објасните што има во тој документ што денеска го изнесовте пред јавноста“, се вели во реакцијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, се работи за информација доставена до Владата во април годинава во која стои прогресот на извршените градежни работи на автопатот Миладиновци – Штип. Во истата информација стои дека се бара согласност од владата за продолжување на рокот на изградба на автопатот поради причини кои од градежна природа бараат дополнително време на изведување.
„Во информацијата за предлогот за пролонгирање на изградбата на овој автопат, стои дека изведувачот се согласува да не покренува било какви финансиски побарувања заради загуби од режиски трошоци или изгубен надомест по основ овие исклучени работи. Тоа господине Сугарески ако не се разбирате во оваа проблематика, ние ќе ви објасниме дека за секоја дополнителна работа нема да биде потрошен ниту денар државни пари за изградба на овој автопат. Јавно прашуваме од каде ви е информацијата дека потребни се дополнителни 20 милиони евра, кога изведувачите на овој проект не побарале ниту еден денар дополнителни пари за негова дореализација. Се прашуваме дали со ова имате намера фирми блиски до СДС и Заев да влезат во изградба на овие најзначајни капитални проекти за граѓаните на Република Македонија. Крајно време е господинот Сугарески да почне да работи нешто. Граѓаните од него ги очекуваат ветените 600 километри автопат, 1.000 километри локални патишта и другите лажните ветувања од време на изборите“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.