Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: Патриотите седат во затвор, а власта ослободува осудени криминалци
Јавното обвинителство втор месец не презема никакви дејства во истрагата што се води по политички монтираниот случај за тероризам, стои во денешното соопштение на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту се повикуваат и сослушуваат сведоци ниту се повикуваат и сослушуваат политички притворените патриоти. Тоа е најдобра потврда дека не станува збор за притвор изречен заради некои правно издржани причини, туку неоснована и политичка казна за изживување со луѓе што мислат поинаку“, истакнуваат од партијата.
Според нив, додека десетина патриоти се наоѓаат во притвор како резултат на монтиран прогон, власта од затвор ослободува осудени криминалци.
„Антидржавната Влада на СДСМ вчера во Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за амнестијата, кој е уште една од низата катастрофални политики и потврдува дека за Заев е поважно да ги намири долговите од предизборната коалиција со криминалот отколку на граѓаните да им гарантира безбедност преку санкционирање на непочитувањето на законите. Зоран Заев и СДСМ од затвор пуштаат докажани криминалци обвинети за дистрибуција и продажба на дрога, мачење, тешки кражби, луѓе што се занимаваат со рекет, изнуда, проституција и други тешки кривични дела“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат оттаму, праксата што ја почнала актуелната власт во предизборието со ослободување криминалци од типот на Барјуш Сејдиу и Агим Красниќи кулминирала со ослободување нови 670 осуденици. Тоа е коалицијата на СДСМ со криминалот на кој, како што нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ, предупредувале уште во предизборниот период.
„Овој закон беше донесен на дрзок и шверцерски начин, без присуство на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Додека Заев враќа долгови со ослободување осудени криминалци, Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков, Мукоски и другите неправедно обвинети, на кои единствен грев им беше тоа што ја сакаат државата, се товарат за тероризам. ВМРО-ДПМНЕ секогаш се залагала за правда и правна држава, но очигледно е дека по доаѓањето на власт на СДСМ, такво нешто веќе не постои“, наведуваат од партијата во соопштението.
На крај истакнуваат дека селективноста и неправдата одат на штета на државата, граѓаните и евро-атланскиот пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.