Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: СЈО нема легитимитет да отвора нови постапки
Мандатот на Специјалното јавно обвинителство за отворање и спроведување истраги заврши. Во согласност со законот, на 30 јуни истече рокот од 18 месеци што СЈО го имаше за да ги состави обвиненијата за сите индиции и сите предмети за кои Катица Јанева сметаше дека има основа да се процесираат понатаму, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-На целата јавност ѝ е јасно дека СЈО функционира како општински комитет на СДС. Класична партиска експозитура. Мораа да монтираат и да креираат случаи бидејќи политичката насока беше јасна. ВМРО-ДПМНЕ треба да биде оцрнета и треба граѓаните да стекнат впечаток дека сите се исти како Зоран Заев, кој е двапати аболиран за тежок криминал, а во моментот одговара и за барање поткуп – вели Ѓорѓиевски.
Според него, СЈО добило тешка задача затоа што морало да конструира предмети врз основа на изнудени искази и незаконски прибавени монтирани случаи.
-Мораше да нуди пари за лажни сведочења и да им се заканува на поединци за да добие што и да било и против кого било од ВМРО. Мораше да реализира политичка хајка и да се обиде да ја скрие во правните лавиринти. Колку и да беше непрофесионално, селективно и необјективно постапувањето на СЈО, неговиот рок за поведување на срамните и неиздржани обвиненија заврши. Секој чекор надвор од овој рок и надвор од законските овластувања е кривично дело – посочува тој.
Ѓорѓиевски вели дека за криминал се одговара, но и дека правната држава ќе се врати и одговорност ќе има во оној момент кога народот ќе го казни Заев за антидржавните политики што ги води.
– Доколку некој реши надвор од законот да конструира случаи само за да им обезбеди на Заев и на СДС димна завеса од која не би се виделе нивните политики, треба да знае дека таквата одлука повлекува и санкции. СДС креира хаос и безредие. СДС предлага неуставен закон за двојазичност, потпишува штетен договор со Бугарија и секојдневно ја задолжува државата. Затоа им треба и СЈО и неговото политичко дејствување. Важно е граѓаните да се занимаваат со нешто друго и да не гледаат што прави Заев. Медиумите на СДС вчера излегоа со информација дека по налог на СЈО е приведен Љупчо Палевски, кој се сомничи во истражна постапка за поседување нелегално стекнати прислушувани разговори. ВМРО-ДПМНЕ смета дека секој што згрешил пред законот и работел спротивно на него треба да одговара за своите дејства во законска, фер и правична постапка и никако поинаку. Доколку Палевски го прекршил законот, тој за тоа треба да одговара пред ОЈО, кое е единствено легитимно и надлежно обвинителство да отвора истраги и да поведува обвиненија без какви било пречки – вели Ѓорѓиевски.
Тој посочува дека СЈО нема легитимитет да отвора нови постапки.
-Секое дејствување во спротивност со тоа е незаконски и ќе повлече кривична одговорност. Судот не смее да дозволи да биде вовлечен во нелегалните игри и интриги на СЈО бидејќи и тој судија што ќе прифати да процесира предмет надвор од законскиот мандат на СЈО, работи неовластено и го крши законот, а за тоа следува кривична санкција и тој еден ден ќе треба да одговара за своите нелегални обвиненија – истакна Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.