Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: СЈО функционира само како општинска организација на СДС
Последното интервју на Катица Јанева е потполно исто со која било прес конференција на член на СДС. Нејзините ставови, не наликуваат на став на правник, јавен обвинител кој треба да работи професионално, непристрасно и врз база на докази, туку наликуваат на ставови искажани од портпарол на криминалецот Зоран Заев – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече на денешната пресконференција Невенка Стаменковска „Катица Јанева по стоти пат докажува дека СЈО функционира само како општинска организација на СДС исполнувајќи ги наредбите на Заев. Сите предмети кои досега ги покрена Јанева се политички нарачани случаи без ниту еден доказ во нив. Катица Јанева е соочена со фактичката состојба и со реалноста и сега брза по секоја цена да склопува обвиненија за да ги исполни плановите и желбите на Зоран Заев, но и да го полни својот буџет со плата од 3.000 евра месечно додека во наредниот период траат рочиштата“.
– Секојдневно стануваат се појасни причините зошто Зоран Заев сака да ја врати Република Македонија 20 години назад. Секојдневно се откриваат причините зошто Зоран Заев сака да го стори истото што го стори и Бранко Црвенковски и да реизбира политички подобни судии.
СДС во 1996-тата година за еден ден реизбра 600 судии за да ја заштити криминалната приватизација во која беа украдени стотици милиони евра државен капитал, 200.000 работници останаа на улица, а стотици фирми беа затворени.
Сега Заев сака да ги заштити и амнестира сопствените криминали и криминалите на неговото раководство. Сака да биде сигурен дека нема да одговара, исто како што успеа да избегне одговорност со аболицијата за криминалот во „Глобал“ тежок 8 милиони евра и криминалот во случајот „Пуч“ за кој што беше амнестиран токму од Катица Јанева.
Затоа на Заев сега му треба реизбор на политички подобни судии.
Втората причина поради која Заев сака да направи реизбор е да се оправда целосно непрофесионалното и партизирано работење на СЈО. Зоран Заев и Катица Јанева знаат дека не постои судија што ќе донесе осудителна пресуда или ќе поддржи политички нарачан предмет, доколку истиот тој судија има интегритет и постапува исклучиво согласно заклетвата која што ја дал, односно ја дели правдата единствено согласно законот.
Затоа Катица Јанева почна да вработува деца и роднини на судии, а Зоран Заев истовремено најави партиска смена на судиите преку нивен реизбор. Мислат дека на тој начин ќе протуркаат политички нарачани случаи.
Сите овие предмети без докази ќе им паднат, исто како што ќе падне од власта и Зоран Заев – рече Стаменковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.