Daily news
Голем хуманитарен концерт за помош на лицата со интелектуална попреченост
Македонските бендови „Ареа“, „ПМГ колектив“, „Фанк шуи“, „Кара“ и „Линколн летер“ утре (12 април) во 19 часот ќе настапат на хуманитарниот концерт Teenage Riot кој ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.
Парите собрани од продажбата на влезници ќе бидат наменети за Центарот на поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“.
Концертот е во организација на средношколците од меѓународното училиште „Нова“ и е во рамки на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“.
Станува збор за национална програма која се имплементира во сите општински организации на Црвениот крст и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 десиминатори кои работат со младинците.
Како дел од неа, младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество.
Воедно добиваат и практични знаењa како да изработуваат мали проекти за доброто на заедницата во која што живеат, проекти преку кои помагаат на ранливото население. На годишно ниво се изработуваат од 150 до 200 мали проекти преку кои им се помага на околу 3000 лица во нашата земја, на некои краткорочно додека за некои помошта е долгорочна.
Имплементацијата на програмата „Црвен крст во aкција – промоција на хумани вредности“ (ЦКА-ПХВ) оваа година e овозможена со поддршка на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвена полумесечина.
Се прави во соработка со учениците од „Нова“ кои веќе реализираа повеќе проекти за помош на заедницата со цел да се помогне на одредени социјално загрозени или маргинализирани групи во општеството.
Насловот на настанот произлегува од песна на култниот американски бенд „Соник јут“, а бендовите кои ќе настапат се едни од најактивните на домашната сцена. Ќе свири рок составот „Ареа“ кој работи повеќе од две децении и е познат по хитовите како „Сите мои слики“, „Нешто недостасува“, „Одведи ме“ итн.
„ПМГ колектив“ е еден од најактивните домашни бендови, а покрај познатите песни ќе презентира и свежи композиции. Дел од хуманитарниот концерт ќе биде и мелодичниот инди – состав „Милко“ кој функционира од 2006 година и досега има издадено два албуми.
Скопскиот бенд „Фанк шуи“ на утрешниот концерт ќе настапи заедно со неколку штитеници од Центарот на поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“. На настанот ќе свират и групите „Кара“ и „Линколн летер“ со што ќе се заокружи повеќечасовниот хуманитарен музички настан. крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.